Сијарто се огради: Унгарските војници од КФОР слушале команди од Италијанците

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, изјави дека Будимпешта е заинтересирана за мир и спокојство на Западен Балкан и додаде дека за тоа придонесуваат стотици унгарски војници распоредени во Косово и во Босна и Херцеговина, пренесува „РТ Балкан“.

Тој изјави дека унгарските војници на КФОР во Звечан во понеделникот ја извршувале својата должност под италијанска команда, а неколкумина од нив биле повредени за време на немирите.

„Унгарските војници, кои служат во КФОР во Косово под италијанска команда, се распоредени во Звечан. Унгарските војници ги извршуваа своите задачи според наредбите што ги добија, а неколкумина од нив беа повредени“, напиша Сијарто на „Фејсбук“.

Како што наведе тој, еден од унгарските војници ќе мора да биде опериран, но ниеден од повредените не е животозагрозен.

Шефот на унгарската дипломатија додаде дека КФОР и вооружените сили на Унгарија обезбедуваат медицинска нега на ранетите војници.

Да потсетиме, во текот на вчерашниот ден унгарски војници како дел од КФОР дежураа пред општината во Звечан. Некои од нив дури и ги спуштија штитовите за да покажат дека не сакаат да интервенираат против Србите. Многумина од насобраните српски граѓани ги поздравија унгарските војници.

Унгарскиот министер за одбрана, Кристоф Шалај-Бобровницки, претходно информира дека повеќе од 20 Унгарци од контингентот на КФОР биле повредени во судирите, од кои седум потешко, додавајќи дека повредените унгарски војници со хеликоптер биле пренесени во Унгарија на лекување.

Треба да знаете
Последни објави