Search

Ескобар: Постои опасност од руско мешање во изборите не само во Црна Гора, туку и во регионот

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар денеска предупреди дека постои опасност од руско мешање во парламентарните избори во Црна Гора, закажани за 11 јуни.

Во интервју за агенцијата МИНА, Ескобар вели дека „таа опасност отсекогаш постоела дури и на изборите во САД“.

„Бидете уверени дека ќе се обидат да ги искористат сите разлики и сите воспоставени методи – ботови и дезинформации во обид да ја оттргнат Црна Гора од нејзиниот европски пат. Затоа се грижам за изборите не само во Црна Гора, туку и во регионот.“ изјави Ескобар.

Според него, граѓаните на Црна Гора на претходните избори го избрале единствениот вистински пат пред Црна Гора – евроатлантските интеграции.

Ескобар е убеден дека граѓаните на Црна Гора ќе можат да идентификуваат дезинформации и да донесат одлуки кои се во согласност со нивните вредности и аспирации на претстојните избори, при изборот на влада.

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан постојано укажува дека црногорските политички актери треба да ги остават настрана теснопартиските интереси и да се фокусираат на теми кои се важни за граѓаните, како што се економијата и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

На прашањето дали гледа напредок во таа насока, Ескобар одговори дека стратешката визија што ја претстави новоизбраниот претседател на Црна Гора Јаков Милатовиќ во неговиот инаугуративен говор е целосно во согласност со тие вредности.

„Гледам голем напредок и на тој план“, рече Ескобар.

Вчера за време на официјалната инаугурација на претседателот на Црна Гора, Милатовиќ најави дека добрососедските односи, НАТО и ЕУ остануваат трите клучни надворешнополитички столбови на неговата политика.

Ескобар рече дека и претходниот претседател (Мило Ѓукановиќ) ја водел Црна Гора на многу добар пат преку државната независност, членството во НАТО и афирмацијата на членството на државата во ЕУ.

„Мислам дека она што го видовме е продолжување на практиката Црна Гора да избира луѓе кои сакаат да одат во Европа. А ние (САД) сакаме да ви помогнеме во тоа“, рече Ескобар.

Зборувајќи за Отворен Балкан, тој рече дека оваа иницијатива ја гледа како можност за Црна Гора и за регионот во однос на економската интеграција.

Ескобар повтори дека САД ќе ги поддржат сите иницијативи кои го приближуваат Западен Балкан до Европа, како и иницијативите кои ги приближуваат земјите од регионот една до друга и кои се отворени за сите нив.

„Со други зборови, сè додека Отворен Балкан е целосно усогласен со берлинскиот процес, не гледам причина да се спротивставам и да не го поддржам“, рече Ескобар.

Ова, додаде тој, не значи дека САД помалку го поддржуваат Берлинскиот процес или Заедничкиот регионален пазар.

„Се додека тие се залагаат за исти работи, нема причина да не ги поддржуваме. И ако две, три, четири или пет земји поединечно решат да одат кон некои од тие приоритети од берлинскиот процес, зошто да ги запреме ако сакаат да се подготват однапред. Тоа е во ред, но мора да биде во согласност со берлинскиот процес“, смета Ескобар.

Треба да знаете
Последни објави