Search

Гаревски: Изгорениот мост „Беласица“ најрано може да биде пуштен до 15 јули

10-15 јули е најоптимистичкиот рок за враќање во употреба на мостот „Беласица“, доколку анализите покажат дека нема оштетувања на конструктивнит елементи, изјави за Макфакс Михаил Гаревски, поранешен директор на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени.

Според него, по првичната анализа утврдиле дека има оштетувања на горната коловозна плоча кои мора да бидат санирани без разлика на наодите од деталните анализи кои допрва ќе следат.

„Веќе е извесно дека горната плоча во должина од пет метри има оштетувања и мора да бидат санирани, можеби и целосно одново треба да биде излеана, а има и оштетувања на бетонот во делот каде што бил пожарот кои исто така мора да бидат поправени. Тоа, најоптимистички може да биде завршено до 10 – 15 јули, доколку се остане на вакви неконструктивни оштетувања. Дали ќе има потреба од посериозна санација, која не е возможно да се заврши за помалку од шест месеци, ќе покажат детаљните анализи“, вели експертот проф. Гаревски за „Макфакс“.

Тој најави дека во следните 20 до 25 дена ќе прават анализи и ќе подготват целосен извештај за состојбата на мостот. Вели дека ќе земат примероци од бетонот, но и од челичните кабли за пренапрегрегање кои се носители на конструкцијата за да утврдат колкаво е оштетувањето.

„За да ги утврдиме конструктивните оштетувања многу е битен типот на пожарот. Доколку бил хидрокарбонски, пожар кој се случува најчесто по излевање големи количини нафта, на пример и кога за 5-6 секунди се развива температура од 1000 степени, очекувани се големи конструктивни оштетувања. Според досегашните информации, пожарот не бил хидрокарбонски туку почнал од запалени алишта, но и тоа допрва ќе го утврдуваме во соработка со одговорните институции. Многу е битно да утврдиме дали се оштетени каблите за пренапрегање. Тие се изолирани, во бетонот се и не очекувам да имаат големи оштетувања, но тоа ќе го покажат анализите“, рече професорот Гаревски.

Голема грешка, според него е што нашата регулатива води сметка за заштита од земјотреси, а не се грижи за заштита од пожари оти трипати поголема е можноста мостот да падне по пожар отколку по земјотрес.

Гаревски вели дека голема олеснителна околност за мостот е тоа што конструкцијата не му е челична туку бетонкса, оти ако се работело за челична контрукција ќе било однапред јасно дека им оштетувања.

Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени ја прави нанализата за издржливоста на мостот откако градоначалничката Данела Арсовска тоа го побарала од нив. Тие утрово на мостот направија заедничка прес-конференција за да известат дека скопјани треба да се воздржат уште 20-25 дена, кога ќе биде готов извештајот за мостот, за официјално да се соопшти колкави се оштетувањата и каква санација ќе биде потребна.

Треба да знаете
Последни објави