Search

Марковски: Мостот „Беласица“ нема да се урива, ќе се санира, едниот крак од „Обединети нации“ треба да се урне

Ја исклучувам можноста дека мостот „Беласица“ треба да се урне и сметам дека може и треба да се изврши санација. Точно е дека вакви работи ретко се случуваат, но се случуваат, вели професорот од Градежниот факултет Горан Марковски во СТУДИО 10 на ТВ 24.

– Тим од нашиот факултет учествуваше и во изградбата на овој мост, па оттука ги имаме сите потребни информации за карактеристиките на мостот. Сега треба да добиеме информации од увидот за карактеристиките на пожарот и температурата на која бил изложен. Треба да се испитаат својствата на материјалите и колку се тие деградирани за да може да се изврши санација, вели Марковски.

Тој е сигурен дека мостот може да се санира – мостот го сочинува бетон, арматура и кабли за пренапрегнување кои се чувствителни на високи температури а имаат значаен придонес во носивоста. Професорот вели дека бетонот ја штити арматурата и каблите за претходно напрегање и сега треба да се утврди од стручни градежни инженери колкави се оштетувањата односно колку бетонот успеал да ги заштити конструкциите.

– Не е ретко мостовите да се користат за пренос на инфраструктура и инсталации, но битно е тие да се заштитат заради безбедност на минувачи и прашање е од каков материјал ќе се изведат за да не го загрозат мостот. Колку што ми е познато, мостот е искористен за пренос на цевки за греење и поради нив дошто до пожар, вели проф. Марковски.

Времетраењето на пожарот било 4 часа што не е мал период. Оттука можно е да е доведена под прашање носивоста на мостот и тоа треба да се утврди. Она што најмногу ги загрижува градежните инженери е состојбата на каблите за пренапрегање. Ако тие успеале да се заштитат санацијата ќе чини помалку, но ако се оштетени санацијата ќе биде поскапа и ќе трае подолго.

– Пренапрегнатите кабли се прават од најфинчелик кој за жал е чувствиителен на високи температури. Но санацијата на мостот може да се изведе со замена на овие кабли. Според мене, потребни се три месеци за да се испита и да се донесе заклучок дали овој мост може во меѓувреме да се користи. Тоа е почетен период. А за понатаму ќе зависи од сознанијата за мостовската контрукција. Потоа ќе следуваат тендерски постапки и од тоа ќе зависи за колку време ќе се санира овој мост, вели проф. Марковски.

Според Марковски ако сега се користи мостот постои голем ризик и не е добро да се остави да се користи. Тој додава дека единствено исправно решение е затворање на мостот.

-Мостовските конструкции се специфични и се изложени на многу сурови услови. Затоа во прописите на сите земји е наведено дека треба на најмалку пет години да се вршат редовни контроли на сите мостовски конструкции за да се спречат катастрофи, вели Марковски. Ова мора да се почитува и да се практикува за да не се случуваат немили настани. Во градот имаме мостови кои се безмалку 100 години стари и треба да се однесуваме со внимание оти тие се битни и се дел од крвотокот на градот, вели Марковски.

Тој вели дека нема доволно информации за состојбата на мостовите оти не биле повикани да извршат инспекции.

– Не сакам да ширам паника, но мостот „Обединети нации“ од едниот крак е во прилично лоша состојба и треба итно да се санира. Мостот „Гоце Делчев“ исто така треба да се одржува внимателно, тој е проблематичен уште откако е пуштен во употреба оти се откриени извесни деформации. За тоа не се потребни големи средства, а добивката би била голема со оглед на значењето на овој мост за сообраќајот во градот, вели Марковски.

Професорот е на мислење дека едниот крак од мостот „Обединети нации“ треба да се урне, но претходно треба да се направи паралелен мост според современи стандарди. Во тој случај, вели Марковски, сообрачајот би бил пренасочен само неколку дена додека се урива стариот мост.

– Со новите технологии и со добра организација и проект верувам дека за околу една година може да се направи мост. Но, инженерски предизвик би било градењето нов мост кај Влае кој откако ќе се урне стариот ќе се помести, вели професорот Марковски.

Треба да знаете
Последни објави