Search

Анчелоти: Болен пораз, Сити беше подобар, но веќе сме фокусирани да ја освоиме ЛШ следната година

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти ја призна супериорноста на Манчестер сити над Реал Мадрид во синоќешниот реванш од полуфиналето на Лигата на шампионите.

„Граѓаните“ победија со 4:0 и со вкупни 5:1 одат во финалето.

– Противникот одигра подобро и заслужи да победи. Тој ни направи голем притисок на почетокот на натпреварот и тоа функционираше. Ни беше тешко да започнеме напади. Успеаја да поведат, а после тоа ни беше тешко да се вратиме во игра. Се обидовме во вториот дел, но не ни одеше. Боли да губиш така, боли многу, но тоа се случува. Стигнувате до полуфиналето на Лигата на шампионите, се среќавате со силен противник, му отстапувате место во играта и останувате без финале. Во ред е, треба да ја научиме лекцијата и да се претставиме подобро во следното издание. Му честитав на Гвардиола по натпреварот бидејќи неговиот тим беше подобар. Минатата година успеавме да победиме, оваа година на ред беа они. Вака функционира фудбалот, понекогаш губиш, Анчелоти.

Ќе остане ли Италијанецот (63) на клупата по ваков пораз и ваква сезона? Да, Купот на кралот беше освоен, но во првенството Барселона убедливо триумфираше, а во Лигата на шампионите впечатокот беше добар до пресметката со Манчестер Сити.

Поранешната легенда на Милан и Реал Мадрид, Фабио Капело, му понуди совет на Анчелоти по поразот од Сити.

-Ова е тежок удар за Реал Мадрид. Сега можеби Карло треба да размисли за понудата на Бразил, земете ја во предвид. Ако сакате да завршите со успех како освојување на Светското првенство, ова е вашата шанса, изјави Капело за Sky Sports.

Капело алудираше на понудата која претходно ја добил Анчелоти од Бразилската фудбалска конфедерација да ја преземе нивната репрезентација.

Анчелоти е под договор со Реал до следното лето, а останува да се види како размислува раководството на клубот по ваквиот расплет. Самиот Италијанец вели дека веќе гледа кон следната сезона.

-Со овој тим може да се борите за Лигата на шампионите. Веќе ја освоивме минатата година, а веќе сме фокусирани да ја освоиме следната година, заклучи Анчелоти.

Во финалето Манчестер сити ќе игра со Интер на 10 јуни во Истанбул. 

Треба да знаете
Последни објави