Search

Зеленски: Се уште не сме подготвени за контраофанзива

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на неговата земја и треба повеќе време за да ја започне долгоочекуваната контраофанзива против Русија, бидејќи на војската на Украина сè уште и е потребна ветената помош од Западот. Очекуваниот напад би можел да биде одлучувачки во војната бидејќи треба да ги прецрта борбените линии кои останаа непроменети со месеци.

Тоа ќе биде клучен тест за Украина, која сака да докаже дека примањето помош од Запад може да резултира со големи придобивки на бојното поле.

-Со она што го имаме можеме да одиме напред и да бидеме успешни. Но, би изгубиле многу луѓе. Мислам дека тоа е неприфатливо. Значи, мора да почекаме. Ни треба уште малку време, рече тој во неговото седиште во Киев, во интервју за јавните радиодифузери кои се членови на Евровизиските вести.

Украинскиот претседател ги опиша украинските борбени бригади, од кои некои се обучени од земјите на НАТО, како „подготвени“, но додаде дека на армијата сè уште и требаат „некои работи“, вклучително и оклопни возила кои „пристигнуваат во серии“.


Тајна е кога и каде ќе се случи украинскиот напад. Руските сили ја зајакнаа одбраната долж линијата на фронтот долга 1.450 километри, која се протега од источните украински региони Луганск и Доњецк до Запорожје и Керсон на југ.

Во последните недели, украинските власти се обидоа да ги минимизираат очекувањата за контраофанзива, и во официјални и во приватни изјави. Висок владин функционер, кој зборуваше под услов да остане анонимен, рече дека лидерите на земјата разбираат дека мора да бидат успешни, но дека украинскиот напад не треба да се гледа како последен удар во војната која се наоѓа речиси во нејзиниот 15-ти месец.

Зеленски, сепак, изрази уверување дека украинската војска може да напредува, предупредувајќи на ризиците од „замрзнат конфликт“ на кој рече дека Русија смета.

Треба да знаете
Последни објави