Search

Спасовски: ИНТЕРПОЛ e клучна организација за обезбедување на глобалната безбедност, а ние како држава активно придонесуваме кон меѓународната полициска соработка

Трите децении од нашето членство во најголемата полициска организација во светот се сведоштво за нашата посветеност и подготвеност за активна глобална полициска соработка, континуирана размена на идеи, оперативни податоци и заеднички активности чија цел е глобална безбедност преку поврзување на полициите во едно глобално полициско семејство, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес конференцијата по отварањето на  јубилејната 50-та Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ што се одржува во Охрид од денеска до 10 мај.

„ИНТЕРПОЛ e клучна организација за обезбедување на глобалната безбедност, наш сериозен партнер за соработка, за размена на информации и обезбедување на синергии меѓу многуте глобални и регионални напори и иницијативи. Како членка на ИНТЕРПОЛ, нашата држава меѓу првите се поврза со глобалното полициско семејство, со цел размена на информации помеѓу членките и Генералниот секретаријат, како и директен пристап до глобалните криминалистички бази на податоци. Но, ние како држава и придонесуваме кон меѓународната полициска соработка која оваа организација ја негува. Ова се остварува преку континуирани активности на работните групи и динамично учество во тековните проекти, како и користење на сервисите и алатките кои се достапни до сите 195 држави членки на ИНТЕРПОЛ”, рече министерот Спасовски.

Нашата посветеност кон ИНТЕРПОЛ се одразува во бројните активности на национално, регионално и глобално ниво, рече министерот Спасовски, а нашите заложби се насочени кон размена на круцијалните податоци за поддршка на истрагите ширум светот. Континуирано се фокусираме кон аплицирање на модерни методологии што ќе обезбедат исклучителна и ефикасна превенција, примена на најиновативни решенија за полициските и безбедносните прашања, а со тоа и зајакната борба против глобалниот криминал.

„Би споменал само дел од многуте успешни активности и операции во последниве неколку години, спроведени во рамки на оваа воспоставена соработка. Националното централно биро на ИНТЕРПОЛ Скопје, во рамки на МВР, континуирано разменува оперативни информации, сознанија и податоци од областа на меѓународните потраги по лица и возила, насилниот криминал и тероризам, финансискиот криминал, недозволената трговија со дрога и оружје, проверки за оригиналност на документи, идентификација на лица и сл. Нашето министерство активно учествува во оперативни акции координирани од Генералниот секретаријат на ИНТЕРПОЛ, насочени кон воспоставување механизам за размена на податоци за сомнителни профили на лица инволвирани во терористички активности, кои ги користат мигрантските рути заради полесно инфилтрирање, како и за употреба на импровизирани експлозивни направи. Интензивно се одвива и соработката со странските полиции во споделување податоци заради поуспешно справување со актуелните предизвици во областа на криумчарење мигранти и трговија со луѓе. Согласно националната легислатива, континуирано се вршат проверки на увезени странски возила во државата со базата на украдени возила и се преземаат понатамошни активности кај возилата кои се предмет на меѓународна потрага, со цел нивно враќање на нивните легални сопственици. МВР во соработка со Царинската управа учествуваше и во глобалната операција  CARBACK на ИНТЕРПОЛ, со цел справување со криминалот со возила и разбивање на транснационалните мрежи кои профитираат од ваквата активност. Би споменал учество во уште неколку заеднички операции, едната насочена кон сузбивање на криминалот со дивиот свет и нивната илегална трговија, како и за борба против недозволена трговија со културни добра. Ова е уште еден показател дека борбата против целокупните современи глобални  предизвици е зајакната, поуспешна и поефикасна преку неопходниот глобален и регионален пристап, активната оперативна соработка и заедничките стратегии во делувањето”, потенцира Спасовски.  

Со оглед на активноста што МВР ја има на полето на регионалната и меѓународната соработка, како и на спроведените сериозни реформи во институцијата, рече Спасовски, можеме да се пофалиме  со  намалување на криминалитетот и постигнати најдобри резултати во последниве 30 години во справувањето со современите безбедносни предизвици, како што се недозволената трговија со дрога и оружје, нелегалната миграција и криумчарењето на мигранти, трговијата со луѓе и слично, што придонесе да бидеме оценети како кредибилен партнер за соработка и пример во регионот.

Генералниот секретар на ИНТЕРПОЛ Јурген Шток рече дека на 50-та Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ делегатите ќе разговараат за низа сложени закани за јавната безбедност во Европа и пошироко, од организиран криминал до компјутерски криминал.

Ниту една земја или регион не можат сами да се справат со овие прашања, па затоа состаноците како овој, се од суштинско значење за возобличување на нашите напори и уште поважно нашите активности. Гледаме, во реално време, дека сите форми на транснационален криминал стануваат посложени и поопасни. Ова ја прави уникатната улога на ИНТЕРПОЛ посуштинска во глобалната безбедносна архитектура од кога било, поврзувајќи ја Европа со остатокот од светот. Европските земји-членки се глобални лидери во нивната употреба на, и придонесот кон базите на податоци на ИНТЕРПОЛ како и за други способности. Европа придонесува со повеќе записи, презема повеќе пребарувања и – најважно – добива повеќе совпаѓања од кој било друг регион во светот. Минатата година, европските земји-членки ги пребараа нашите бази на податоци повеќе од 3,5 милијарди пати. Бројките зборуваат сами за себе: способностите на ИНТЕРПОЛ се основна компонента на европските сили за спроведување на законот кои ги чуваат своите земји безбедни. Оваа улога расте, со јасни оперативни резултати. Нашиот проект I-CAN, што собира 17 земји за борба против мафијашката група „Ндрангета”, веќе изврши над 40 апсења на високо ниво низ целиот свет”, рече генералниот секретар Шток.

Речиси половина од овие апсења, потенцира тој, се случија само во изминатата година. Од Западна Африка до Јужна Америка и Карибите, помагаме да се зголемат рекордните заплени на дрога, за што нашите земји-членки се известуваат во текот на истрагите и апсењата што поврзуваат повеќе континенти.

„Ова ви дава само краток преглед на тоа како ИНТЕРПОЛ им помага на нашите земји-членки. И оваа седмица, за време на Регионалната конференција, ќе разгледаме на кои начини можеме да обезбедиме уште подобра поддршка во иднина за справување со криминалот како што се трговијата со луѓе, трговијата со дрога, компјутерскиот криминал и еколошкиот криминал” рече Шток. 

Треба да знаете
Последни објави