Search

Средба со раководствата на Специјална Олимпијада за Европа и Евроазија и на Специјална Олимпијада на Северна Македонија

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими раководствата на Специјална Олимпијада за Европа и Евроазија и на Специјална Олимпијада на Северна Македонија.

На средбата беше разговарано за тековните активности на Специјална Олимпијада којашто поддржува повеќе од 5 милиони спортисти, 1 милион тренери и волонтери, повеќе од 100.000 натпревари годишно и 32 спортови од олимписки тип преку програми во над 190 земји.

Соговорниците го запознаа претседателот Пендаровски и со динамиката на реализирањето на проектот „Социјална инклузија и зајакнување на младите преку спорт”, којшто треба да даде позитивен импулс кон засилена вклученост на лицата со попреченост, како и промовирање на инклузивното образование.

Претседателот Пендаровски ја изрази безрезервната поддршка на ваквата долгогодишна благородна заложба на Специјална Олимпијада, која придонесува преку спортот да се поттикне нивната сеопфатна инклузија во општествените текови, овозможувајќи им да ги изразат своите афинитети и индивидуални квалитети.

На средбата присуствуваа Дејвид С. Евангелиста и Марта Јо Брајчич од Специјална Олимпијада за Европа и Евроазија како и Моника Бошкоска и Драган Караџовски од Специјална олимпијада на Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави