Search

МНР: Јавното шпекулирање на ВМРО-ДПМНЕ со информации од затворена седница е грубо кршење на законот и дипломатски скандал

Упатувањето амбасадори, односно шефови на дипломатски и конзуларни претставништва на Северна Македонија е регулирано со Законот за надворешни работи што предвидува сложена постапка за именување амбасадор, врз база на усогласеност од Министерството за надворешни работи и Претседателот, одобрување од Владата, како и агреман од државата на приемот, наведува МНР во реакција на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, во кое се вели дека на синоќешната владина седница била донесена одлука за назначување нови амбасадори.

-Се работи за комплексен процес во кој своја улога има и Собранието, преку посебно излагање на предлог – амбасадорите пред Комисијата за надворешна политика; тоа е суштински елемент од постапката низ која не само што пратениците имаат можност да ги испрашуваат предложените амбасадори, туку овие седници се јавни за што и широката јавност има можност директно да запознае кој ќе ја претставува земјата во странство, наведува МНР во реакцијата.

Оттаму додаваат дека сѐ до завршувањето на оваа постапка (добивањето агреман), овие податоци се доверливи и за тоа постои добра причина.

-Јавното шпекулирање на ВМРО-ДПМНЕ со информации од затворена седница, не само што е грубо кршење на законот, туку претставува дипломатски скандал со кој се минираат државните позиции, нанесувајќи притоа ненадоместлива штета на меѓународниот углед на земјата. Шпекулирањето и објавување имиња на предлози, пред за тоа да се добие агреман од земјата – домаќин, ја загрозува улогата на самите амбасадори уште пред да бидат упатени, а во многу непријатна положба ги става и институциите на земјата – домаќин, чиј процес на одобрување е сега контаминиран со шпекулациите од страна на ВМРО-ДПМНЕ, стои во соопштението на МНР.

Во истата насока, додава МНР, ја повикуваме ВМРО-ДПМНЕ за одговорно однесување, согласно дипломатските кодекси и узанси и почитување на принципите на Виенската конвенција за дипломатски и конзуларни односи.

-Имајќи предвид дека Претседавач со Комисијата за надворешна политика е од редовите на оваа партија, она што граѓаните и дипломатската јавност очекува е целосно да се стави во функција овој механизам од процесот како најдобар начин да се обезбеди јавен увид врз целиот процес, додаваат од МНР.

Филипче по терк на својот ментор Заев ги лаже граѓаните.  Филипче во текот на своето министерување има континуитет само во едно, а тоа се лагите.

Претходно, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека „свесното  хируршко уништување на македонската дипломатија од страна на хирургот Бујар Османи се докажа и по синоќешната владина одлука за назначување на нови амбасадори“.

-Изборот полош не може да биде, а поголем срам за тоа кој ќе ја претставува Македонија надвор од нејзините граници уште покатастрофален. Предлог амбасадор за ДКП Лондон е Катерина Ставревска, до некогашен шеф на кабинет на Радмила Шекеринска. Вработените во МО сведочат за вршење на мобинг,  а јавноста можеше со свои очи да види како Ставревска со својата шефица Шекеринска прават злоупотреба на државен хеликоптер за прошетка и дегустација на вина. И сето тоа врз грбот на граѓаните на Македонија! Дали министерот кој ја донесе Македонија на работ на преживување како правната држава, Тупанчевски заминува за Белград затоа што не знае странски јазик?, наведе опозициската партија.

Натаму, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека „илјада евра месечно од буџетот на македонските граѓани не му се доволни на сега веќе идниот Амбасадор кој пополнува место по потреба Андреј Жерновски, сега назначен за амбасадор за Букурешт иако до пред месец дена беше предлог за Белград?!“

-Дали можеби тоа што Јакуп Реџепи, сега веќе предложен амбасадор на Македонија во Сараево, вујко на министерот за финансии, Фатмир Бесими е единствената причина за неговото назначување? Дали Емил Крстевски или познат во јавноста како директор што од службен фб профил се заканува и вреѓа македонски граѓани, (Државен Архив ) е соодветно решение за амбасадор во Прага, дополнително само затоа што неговата сопруга Сања Зографска – Крстевска е сеуште актуелен генерален конзул на Македонија во Мелбурн?, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

Треба да знаете
Последни објави