Search

Срби заробени во Судан; „Шансата да бидат извлечени е нула“

Голем број жители, меѓу кои и 23 српски државјани, се заробени во Судан, каде веќе неколку дена се водат жестоки борби. Дваесет и три српски државјани побарале евакуација од Картум, главниот град на Судан, каде од саботата се водат жестоки борби меѓу армијата и паравоените сили, пренесе „Б92“.

Шансата да бидат изнесени од оваа земја во моментов е – нула, изјави за „Н1“ почесниот конзул на Србија во Судан, Ахмед Муфти.

„Ги разгледуваме сите можности да ги евакуираме нашите граѓани во соработка со други амбасади и други дипломатски претставништва, во контакт сме со Обединетите нации, Европската Унија, кога ќе ги евакуираат своите граѓани, ќе видиме дека и ние сме вклучени во тоа. “, рече почесниот конзул.

Тој посочи дека засега нема можност за евакуација.

Според него, аеродромот во Картум е целосно уништен и врз него се пука веќе пет дена и дење и ноќе.

Слична е ситуацијата и со околу 150 германски државјани кои се наоѓаат во таа блискоисточна земја. Како што пренесува „Шпигел“, првиот обид да ги спаси Бундесверот не бил успешен.

Германските воздухопловни сили испратија транспортен авион А400М. Тој во средата се упатил кон Картум, но бил принуден да ја прекине мисијата и да го врати транспортниот авион во Германија, објави „Шпигел“.

Српскиот конзул во Судан изјави дека во околината на аеродромот, кој се наоѓа во центарот на градот, најмногу живеат странци, меѓу кои и српски државјани. Токму на тој простор веќе пет дена се водат борби, нема вода ни струја, залихите со храна се при крај, како и гориво за генераторите на струја.

Конзулот рече дека за евакуација се пријавиле 23 српски државјани, главно оние кои случајно се нашле во Судан поради работа.

Судан го затвори својот воздушен простор веќе 15 дена, заканувајќи се дека ќе го собори секој авион што ќе ја прекрши забраната и ќе се обиде да прелета над небото на Судан.

„Од каде треба да се евакуирате? На тој аеродром нема каде да слетате. Секаде има пукање. Трипати најавуваат прекин на огнот, до кој воопшто не се придржуваат“, нагласи почесниот конзул на Србија во Судан.

Треба да знаете
Последни објави