Search

Граѓаните доследни на традиционалното штедење, немаат доволни информации за другите можности за штедење

Како сигурно да се зачуваат заштедените пари за, како што велат граѓаните „не дај боже“, или за спокојните денови од третото доба. На располагање се неколку опции: дома или во банка, вложување во пензиски столбови или акции во компании. Граѓаните се скептични. Малку се информирани и бараат едноставни информации.

Универзитетскиот професор од прилепскиот Економски факултет и поранешен заменик министер за финансии, Димко Кокароски уверува дека македонскиот банкарски систем е стабилен, а граѓаните, остануваат доследни на традиционалното штедење- повеќе штедат во банки, а помалку вложуваат во акции.

Штедењето, вели тој, е зголемено поради тоа што е формиран Фондот за осигурување на депозити со кој граѓаните чувствуваат некаква гаранција.

– Нема никаков проблем со банкарскиот систем, а граѓаните остануваат доследни на традиционализмот и класичното штедење. Вкупната сума на денарски и девизни депозити се движи околу седум милијарди евра, вели Кокароски.

Според него, граѓаните помалку знаат за акционерството, за кое, како што вели, потребно е време, знаење и едукација.

-Имаме берза, акции, но тоа сака време, знаење, едукација и пари. Од друга страна, освен пензиските фондови, штедењето е повеќе во банките. На страницата на Народна банка има и „едукација“. Но тоа не е доволно. Треба и стопанските комори, факултетите, па и локалните самоуправи да поттикнат. Но тоа поттикнување е дискутабилно, вели Кокароски.

Акционерството, како што појаснува, бара секојдневно следење, однапред да се знае дали фирмите ќе исплаќаат дивиденда.

– Комплицирана е таа работа. Треба секојдневно следење, треба однапред да се знае дали фирмите ќе исплаќаат дивиденда, а ретко која фирма го гарантира тоа. Сето тоа ги одвраќа граѓаните за пошироко и подлабоко да се заинтересираат за акционерството и за штедењето. Верувам кој и да прашате од граѓаните, нема што да кажат на темата „хартии од вредност“. Луѓето не се виновни за тоа, не се упатени и одат на традиционализмот, вели Кокароски.

Граѓаните недоволно информирани за пензиските друштва

Имаме три пензиски друштва – два задолжителни и еден доброволен. Иако граѓаните редовно добиваат писма со информации, темата им останува непознаница.

Лекар од прилепската примарна заштита вели дека вложува во третиот, доброволен пензиски столб. Редовно добива писма со информации, но нема доволно податоци дали и како може да ги искористи средствата.

Од пензиските друштва објаснуваат дека пензиските фондови се отворени инвестициски фондови.

– Пензиските фондови во Македонија добро котираат и се сигурни и на Балканот и низ Европа. Битно е секој иден пензионер да биде информиран како фондовите функционираат и што се прави со нивните средства. Тоа е лична заштеда на вработениот граѓанин, акумулирана во текот на работниот век. По 1 јануари 2019 година, секој нововработен станува член покрај на првиот, и вториот задолжителен пензиски столб, со тоа што шест проценти од неговата нето плата се акумулира на неговата лична сметка. И секој член добива писмо. При првото вработување, Агенцијата МАПАС рамномерно ги распределува сите вработени во трите задолжителни пензиски фондови во Македонија, појаснуваат од пензиските друштва.

Од вториот пензиски столб, средствата може да се користат по 62 години за жени и навршени 64 години за мажи, со минимум 15 години работен стаж. Третиот пензиски столб е доброволен и секој може да ја дополнува заштедата за пензија, како и колку сака.

Кокароски вели дека граѓаните не го познаваат доволно и не чувствуваат сигурност во третиот, доброволен пензиски столб.

-Третиот пензиски, доброволен столб, сметам сѐ уште не е сигурен, затоа граѓаните не штедат таму. Ние имаме лошо искуство. Пропаднаа банки, па државата ги исплаќаше обврзниците од банките, од штедните влогови, и тоа во девизни средства. Сега помал е изборот за сигурност. Мислам дека осигурителните компании повеќе прават животни осигурувања, што е еден вид штедење, отколку да ги вложат парите во третиот, доброволен столб. А за стекнувањето доверба во тој трет столб, треба да помине време за граѓаните да почувствуваат дека е сигурно, а и под кои услови, да се вложат парите, вели Кокароски.

Гграѓаните немаат детални информации за пензиските столбови, за заштедата преку акции, за „множење“ на парите за „црни денови“.

– Не знам ништо, ама би сакал повеќе да дознаам. Што ќе ни речат тоа правиме, вели средовечен прилепчанец.

Друг повозрасен прилепчанец вели дека е член на првиот пензиски фонд, а за вториот пензиски столб нема многу информации. 

– Јас сум во првиот пензиски фонд, од постарите сум. Ќерката и зетот се во вториот столб. Знам смо дека им стигнуваат писма, а тие ништо не кажуваат колку знаат или не, вели тој.

Финансиската писменост кај нас е условена и од традиционалноста и од скептичноста и недовербата во институциите. 

Треба да знаете
Последни објави