Search

Откриени четири можни сценарија: што ќе се случи ако умре Зеленски или Путин

Агенцијата АП и „Њујорк Тајмс“ објавија нови документи кои ги откриваат американските сценарија за четирите „најлоши опции“ поврзани со војната во Украина.

Документите вклучуваат анализа за тоа што би можело да се случи во случај на смрт на рускиот претседател Владимир Путин или украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Документите имаат ознака „тајна“, што е пониско ниво на заштита од „строго доверливо“. Неколку американски функционери во изминатите денови изјавија дека документите што беа објавени се „застарени“ и дека во многу случаи тие не ги претставуваат тековните проценки на разузнавачките агенции.

Едно од четирите хипотетички сценарија опишува што би можело да се случи доколку Украина го нападне Кремљ. Идентификуван е широк опсег на можни импликации.

Конфликтот може да ескалира, при што Путин ќе одговори на гневот на јавноста со започнување на голема воена мобилизација и размислување за употреба на тактичко нуклеарно оружје, се вели во документите.

Спротивно на тоа, стравовите на населението може да го наведат рускиот лидер да се обиде да започне преговори за завршување на војната.

Администрацијата на Бајден особено би била загрижена за можен украински напад врз Москва, бидејќи тоа би можело да предизвика драматична ескалација, се наведува во документите. Ризикот од ваков напад од Украина е една од причините поради која САД одбија да му испорачаат ракети со поголем дострел на Киев, пишува „Њујорк Тајмс“.

Ако рускиот претседател Владимир Путин ги отпушти своите највисоки воени советници, тоа би довело до ескалација, а документите сугерираат дека рускиот лидер тогаш би можел да одобри употреба на тактичко нуклеарно оружје.

„Ова може да се случи само во две ситуации: ако олигарсите го доведуваат во прашање процесот на донесување одлуки на Путин и ако не успеат да го решат проблемот со недостигот на муниција. Тоа е сценарио кое во овој момент изгледа неверојатно“, се наведува во документите.

Третото сценарио се однесува на случајот со смртта на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Ако лидерот на Украина умре, најлошото сценарио е европските лидери да ја ограничат испораката на оружје, се вели во документите.

Сепак, документот покажува дека и „висок украински функционер“ би можел да „одржува домашна и меѓународна поддршка“.

Така би имало наследник, забележува „Њујорк Тајмс“. Западните медиуми претходно шпекулираа дека врховниот командант на украинските сили Валериј Жалузни би можел да претендира на функцијата претседател бидејќи има голема поддршка меѓу народот.

Во документите се споменува и сценарио во случај на смрт на Владимир Путин, но „Њујорк Тајмс“ не објави повеќе детали за таа опција.

Документот опишува различни можни настани, без да се процени кој од нив е најверојатен. Многу зависи од начинот на кој би умрел.

Во случај на атентат, американското воено разузнавање стравува дека тоа ќе доведе до ескалација и целосна воена мобилизација и дека Русија ќе употреби тактичко нуклеарно оружје во Украина.

Треба да знаете
Последни објави