Search

Јужна Кореја за севернокорејската ракета: „Очигледно е нов вооружен систем“

Северна Кореја истрела можеби нов модел на балистичка ракета, што предизвика паника во северна Јапонија каде на жителите им беше кажано да одат во засолништа, иако подоцна се покажа дека нема опасност.

Добивај вести на вибер

Ракетата прелета околу 1.000 километри, објави јужнокорејската војска, нарекувајќи го лансирањето „тешка провокација“.

Максималната височина на траекторијата на ракетата не е официјално објавена, но јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“ објави дека се чини дека е помала од 3.000 километри – далеку под висината на некои севернокорејски тестови минатата година кои надминаа 6.000 километри.

Војската на Јужна Кореја соопшти дека е во состојба на висока готовност и дека тесно се координира со својот главен сојузник, Соединетите држави, кои остро го осудија она што Белата куќа во соопштението го наведе дека е тестирање на балистичка ракета со долг дострел.

Јужнокорејски воен претставник објави дека тестот очигледно вклучува нов систем за оружје прикажан на неодамнешните севернокорејски воени паради. Војската ја анализираше траекторијата и дострелот на ракетата, а Министерството за одбрана рече дека тоа можело да биде проектил со цврсто гориво.

Северна Кореја работи на развој на повеќе ракети со цврсто гориво, кои се полесни за складирање и транспорт, а може да се лансираат без речиси никакво предупредување или време за подготовка.

Иако Северна Кореја претходно тестирала ракети со краток дострел и со цврсто гориво, таа сè уште не тестирала ракета со долг дострел од тој тип, изјави Брус Бенет, висок одбранбен аналитичар во американската корпорација РАНД.

Ракетата била истрелана од близина на Пјонгјанг, соопшти јужнокорејската војска, што значи дека можела да биде лансирана од меѓународен аеродром во близина на главниот град, местото на ракетно тестирање во 2017 година.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида свика состанок на Советот за национална безбедност како одговор на лансирањето.

Јапонската крајбрежна стража соопшти дека проектилот паднал во морето источно од Северна Кореја. Министерот за одбрана Јасуказу Хамада рече дека се чини дека проектилот бил истрелан кон исток под висок агол и дека не може да потврди дали проектилот ја преминал ексклузивната економска зона на Јапонија.

Јапонските власти го укинаа предупредувањето за островот Хокаидо кога утврдија дека ракетата нема да слета во близина. Таму еден студент изјави за јапонската телевизија NHK дека алармот предизвикал итна паника на железничката станица.

Северна Кореја ги критикуваше неодамнешните заеднички воени вежби меѓу американските и јужнокорејските сили како ескалација на тензиите, откако ги засили своите тестови на оружје во последните месеци.

Треба да знаете
Последни објави