Search

„Сè што кажаа, излажаа – шират хистерија и лаги“, Ковачевски му врати на Николоски за законите за автопатите

Премиерот Димитар Ковачевски тврди дека потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски шири хистерија и лаги, кога зборува за договорот со „Бектел и Енка“ и штетите кои тој ќе ги предизвика. Според Ковачевски, нема ништо спорно во одредбите, иако Николоски тврдеше дека ќе се плаќаат пенали доколку не се донесат измените на Законот за работни односи со кои сите кои ќе работат на автопатските делници дел од коридор 8 ќе работат по 60 часа.

„Единствено што знаат е да прават хистерија. Тоа го прават со сите големи инфраструктурни проекти. Тоа што го кажува потпретседателот Николовски е лага. Исто како што неговиот претседател само се заканува и ништо не работи. Единствено што гледаме секое сабајле се лаги и хистерија која ја шири македонската опозиција“, вели Ковачевски.

Тој за опозицијата додава: „Се што кажаа – излажаа“.

„Постои специјален закон за коридор 8. Постои договор над 400 страници кои ќе бидат објаснети во детали. Сите лаги ќе се демантираат. Се што кажаа – излажаа“. додава Ковачевски.

Премиерот ги спомена и судските случаи против ВМРО-ДПМНЕ, што според него, укажува како тие работеле, што укажува на тоа зошто размислуваат само на злоупотреби.

„Таа партија размислува само дали некој зел или не зел нешто. Тие кажуваат дека некој сакал некаков интерес да оствари. Јас ги повикав и ги повикувам, Владата на САД, Владата на Турција, дали во текот на изминатите две години како што се подготвува проектот, од нив има побарано нешто“, вели Ковачевски.

Николоски тврди дека Македонија ќе плаќа пенали доколку не донесе измена на закон преку Собранието, за што кажа дека е дел од договорот.

„Откако Владата ги потврди моите наводи дека доколку не се воведе 60 часовна работна недела Македонија ќе плаќа огромни пенали или ,,дополнителни трошоци за изведба” како што ги нарекува Владата, би сакал со јавноста да го споделам документот во кој се наведени пеналите/трошоците кои ќе ги платат сите граѓани: минимум 53 милиони евра еднократно 2 165 000 евра секој месец! Тоа што сакам денес да го обелоденам е дека согласно истиот договор Македонија ќе ги плати овие пари доколку законот за 60 часовна работна недела не се донесе во рок од 45 ДЕНА по потпишување на договорот со Бехтел и Енка! Исто така пишува дека дури и да се донесе законот после овие 45 дена сумата од 53 милиони евра ќе се плати! Тоа значи дека на 23 април сите граѓани на Македонија за ништо ќе треба да платат 53 милиони евра. Ова не е само основ за оставка на Ковачевски и Груби, туку и за сериозни кривични пријави, кои ако не ги добијат сега по промената на власта и формирањето на Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ не им бегаат“, наведува Николоски во објавата.

Треба да знаете
Последни објави