Search

Австралискиот премиер Албанезе нема да патува на самитот на НАТО во Вилнус

Австралискиот премиер Ентони Албанезе нема да присуствува на овогодинешниот самит на НАТО, бидејќи меѓународната безбедносна ситуација во врска со војната во Украина се влошува, пишува денешен „Сиднеј морнинг хералд“.

Таквата одлука следи по одлуката на министерката за надворешни работи Пени Вонг да испрати бирократ од понизок ранг на минатонеделниот состанок на министрите за надворешни работи во Брисел, во седиштето на НАТО, и покрај тоа што нејзините колеги од Азија и Пацификот присуствуваа за да помогнат во координирањето на одговорот на Западот на војната во Украина и на, како што се наведува, „се поголемата агресивност на Кина“.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг претходно изјави дека лидерите на Австралија, Јапонија, Кореја и Нов Зеланд, таканаречената АП4, ќе бидат поканети по втор пат на годишниот состанок на трансатлантскиот блок.

Тие четири земји дури минатата година првпат беа поканети на самитот на НАТО во Мадрид, а присуствуваше и тогаш новоизбраниот Албанезе.

„Хералд“, пак, пишува дека премиерот нема да патува на овогодинешниот собир, закажан за средината на јули во Вилнус, Литванија. Од кабинетот на премиерот одбија да ги коментираат наводите за неодење во Вилнус. 

Треба да знаете
Последни објави