Search

Тридневна жалост во Македонска Каменица за сограѓаните кои загинаа во сообраќајка во Италија

Општина Македонска Каменица прогласи тридневна жалост по повод смртта на сограѓаните кои загинаа во сообраќајна несреќа во Италија. Во директен судир во градот Ница Монферато, во италијанската провинција Асти, дел од регионот Пиемонт, загинаа тројца македонски и еден италијански државјанин. Од Македонска Каменица загина З. С. (33), од село Саса А. К.(31), а В. И. (30) од село Пекљани, Виничко.

„11,12 и 13 април ќе бидат денови на жалост во чест на нашите сограѓани кои загинаа во сообраќајна несреќа во Италија. Тие млади и примерни луѓе секогаш ќе останат меѓу нас. Општината ќе излезе во пресрет на семејствата“, велат од Општината Македонска Каменица.

Од Советот на Општина Македонска Каменица информираат дека, по дополнителни консултации со службите во Општината ќе ја разгледаат можноста за одобрување на финансиски средства за семејствата на загинатите во трагичниот настан.

Од македонското Министерство за надворешни работи веќе претходно соопштија дека претставниците на конзулатот и амбасадата во Италија се во контакт со дел од семејствата на починатите. Тие ќе бидат на располагање за асистенција во врска со преносот на останките од Италија.

Треба да знаете
Последни објави