Search

Сити убедлив против Баерн, Интер славеше во Лисабон

Манчестер сити и Интер имаат капитална предност по првите дуели во четвртфиналето од Лигата на шампиони против Баерн Минхен и Бенфика. Во дербито, Сити убедливо со 3:0 го победи Баерн Минхен, додека во дуелот на некогашните европски прваци, Интер на гости со 2:0 славеше кај Бенфика.

Англискиот првак доминираше во дуелот со Баерн, кој играше без класичен напаѓач, па на крајот домаќините стигнаа до убава предност пред реваншот во Минхен. Отпорот на гостите во провото полувреме го скрши Родри кој постигна фантастичен погодок за 1:0, што беше резултат по првите 45 минути.

Во второто полувреме Баерн се обиде да израмни и германскиот гигант беше рамноправен противник се до 70 минута, кога гостинската одбрана направи кикс, а тоа веднаш беше казнето. Бернардо Силва погоди за 2:0 по асистенција на Ерлинг Халанд.

Само шест минути подоцна Сити повторно се радуваше. Овојпат Халанд погоди на асистенција на Стоунс, што беше доволно за Баерн да го претрпи најтешкиот пораз во Лигата на шампиони во последните шест години.

Со овој погодок против Сити, Халанд постави нов рекорд во англискиот фудбал. Ова беше 45-ти гол за Халанд сезонава во сите натпреварување, нешто што не му успеало на ниту еден друг фудбалер. Досега рекордот за број на голови во една сезона на фудбалер од англиски клуб го делеа Руд ван Нистелрој и Мохамед Салах кои во една сезона по 44 пати ја тресеа противничката мрежа. Сега овој рекорд е на Халанд кој до крајот на сезоната сигурно уште ќе го подобрува.

Интер има капитална предност откако со 2:0 победи на гости кај Бенфика. По првиот дел немаше погодоци, а барела донесе радост за Нераѕурите во 51 минута. Предноста на гостите беше удвоена благодарение на погодокот на Лукаку од пенал во 82 минута.

Треба да знаете
Последни објави