Search

Охрид очекува солидна посетеност за престојните Велигденски празници

За Велигденските празници Охрид традиционално секоја година бележи добра посетеност, нема причини да не биде така и годинава.

Нашиот најпознат туристички центар секогаш бил интересна дестинација за Велигденските празници, особено за верниците од земјата, од соседните држави, но за гости кои доаѓаат во Охрид преку кружните тури низ овој дел на Балканот.

Според информациите од менаџерите на хотелските објекти за сместување во Охрид, се очекува некаде до 70-процентна исполнетост на капацитетите.

Љупчо Цветаноски, менаџерот на комплексот хотели „Климетица“ вели дека за Велигденските празници веќе се закупени околу 70 отсто од собите.

– Доста сме задоволни од она што сега го имаме како интерес кај туристите, за Првомајските празници сме целосно резервирани, рече тој.  

Тоше Чочороски, директорот на хотелот„Силекс“ изјави дека за Велигденските празници капацитетите се исполнети околу 70 проценти, со претежно домашни гости и туристи од соседна Србија.

– За разлика од Велигденските за деновите околу Првомајските празници сме целосно исполнети, со гости што ќе дојдат преку т.н. кружни балкански тури, посочи Чочороски.

Доста голем е интересот на гости за приватното сместување, каде се бележат значаен број резервации, и тоа редовно прво за сместувачките капацитети во централното градско подрачје, а потоа за оние на периферијата. Секако се очекува голем да биде и бројот гости кои во Охрид ќе престојуваат во сопствена режија односно со сместување во приватни станови, куќи, викендички. 

Велигденските и Првомајските празници секогаш се сметале индикатор за тоа каква ќе биде престојната главна туристичка сезона на една дестинација, а тие годинава се во прилог на очекувањата дека Охрид летово ќе бележи добра посетеност.

Хотелиерите од Охрид за летово очекуваат добра сезона, но не и дека сезонава ќе биде подобра и од најдобрите од периодот пред епидемијата на коронавирусот.

– Кога станува збор за престојната сезона очекуваме добра посетеност, актуелните резервации укажуваат на тоа. Гости летово ќе имаме од Англија, Полска, Холандија, Турција, секако и дел од домашните гости. Би биле најсреќни доколку се остварат прогнозите, тоа ќе биде добро за сите, но засега нашиот оптимизам останува скромен, рече Чочороски.

Цветаноски цени дека интересот на туристите за Охрид за Велигденските и исполнетоста за Првомајските празници е индикатор за одлична главна туристичка сезона.

– Ако за Велигден имаме 70 проценти закупеност, а за Првомајските празници сме целосно резервирани, тоа е добра најава за престојната главна туристичка сезона. Она што е интересно е што покрај редовните наши гости од Србија, Црна Гора и Турција, за оваа година имаме и резервации од гости од Хрватска, изјави Цветаноски.

Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Љупчо Јаневски посочи дека целите за 2023 година во туристичката индустрија е надминување на бројката од 3,2 милиони ноќевања, со раст меѓу 20 и 40 проценти на примарните и секундарните пазари.

Тој посочи дека на закрепнувањето на туристичката индустрија укажуваат факторите како што се зголемениот интерес на тур-операторите за Македонија како дестинација, воведувањето нови дополнителни авионски линии кон земјата и Охрид, како и очекувањата на зголемен број гости преку кружни патувања  во рамките на „Отворен Балкан“.

„Динамиката продолжува од 2022 година. Ова е третиот чекор во закрепнување на туристичката индустрија токму кај нас, со фокус ребрендирање на дестинацијата, нудење на различен сегмент на туристичка понуда бидејќи новата реалност во туристичката индустрија покажа сосема поразличното лице и поразличните интереси на туристите во дестинацијата. Се прилагодуваме на промените, но и создаваме нови вредности во туристичката индустрија токму кај нас со кои што веќе во светски рамки се разликуваме од  останати дестинации. Ако говориме, тоа се еногастро-концептот, активните форми на туристичка понуда, УНЕСКО како фокус Охрид – Струга, секако културниот туризам, но дополнително очекуваме во 2023 година туристите да креираат свои понуди и во самата дестинација“, посочува Јаневски.

Треба да знаете
Последни објави