Закани со бомби за хрватскиот производител на оружје „ХС продукт“

Хрватската компанија за производство на огнено оружје „ХС продукт“ утринава добила дојава во порака на електронската пошта за шест бомби наводно поставени во просториите на компанијата, пренесува хрватски „Дневник“.

„Сакаме да ве информираме дека во канцелариите на одвратната про-НАТО компанија, која заработува од човечката смрт, се поставени шест експлозивни направи“, се вели во електронската порака, како што неофицијално дознава „Дневник“.

Во пораката се вели дека уште три бомби биле поставени во канцелариите на државна агенција за увоз и извоз на оружје и воена опрема „Алан“ во Загреб. Тие наводно содржеле микроампули со нервниот агенс кафентанил.

„Ви звучи ли тоа познато? И треба. Тоа го употреби ‘вождот’ Владимир Путин против чеченските џихадистички терористи во театарот ‘Дубравка’. Сега го користиме против усташките терористи на НАТО“, се вели во пораката.

Ниту агенцијата „Алан“ ниту „ХС продукт“ не сакала да ги коментира заканите.

„ХС продукт“ е компанија за производство на огнено оружје основана во 1990 година. Позната е по производството на полуавтоматскиот пиштол „ХС 2000“ и јуришната пушка ВХС, кои успешно се продаваат на пазарот во САД.

„Полицијата излезе на терен. Изведена е истрага за експлозивни средства, при што е утврдено дека се работи за лажна пријава“, велат од хрватската полиција.

Треба да знаете
Последни објави