Search

Германски опозициски пратеник го критикува повикот на Маркон за немешање во конфликтот во Тајван

Германски пратеник ги критикуваше изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон кој рече дека Европа не треба да се меша во конфликтот на Кина со Тајван.

Норберт Ротген, експерт за надворешни работи во германската опозициска Христијанско-демократска партија (ЦДУ), рече дека Макрон се изолира себеси.

– Макрон се изолира во Европа, ја ослабува Европската унија и всушност се спротивставува на она што го кажа претседателката на Европската комисија во Пекинг, рече Ротген во коментар за радио станицата Дојчландфунк, мислејќи на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Неговите коментари доаѓаат неколку дена откако Макрон и Фон дер Лајен се вратија од тридневната државна посета на Кина.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера рече дека не е во интерес на Европа да ескалира кризата околу Тајван и оти треба да продолжи со стратегија која е независна и од Вашингтон и од Пекинг.

Макрон минатиот викенд се врати од тридневната државна посета на Кина, каде што беше срдечно пречекан од кинескиот претседател Си Џинпинг.

Макрон, во заедничко интервју за „Лес Екос“ и „Политико“ за време на посетата на Кина, рече дека Европа не треба да го заострува конфликтот околу Тајван, туку да се обиде да изгради сопствена позиција како трет пат меѓу Кина и САД.

– Најлошото нешто би било да се мисли дека ние Европејците треба да бидеме следбеници во ова прашање и да се приспособиме на американскиот ритам или кинеското претерување, изјави францускиот претседател.

Европа мора повеќе да ја финансира својата одбранбена индустрија, да развие нуклеарна и обновлива енергија и да ја намали зависноста од американскиот долар за да ја ограничи зависноста од САД, рече тој. 

Треба да знаете
Последни објави