Search

Инфлацијата во Грција во март намалена на 4,6 отсто

Инфлацијата во Грција во месец март дополнително се намалила и изнесува 4,6 отсто, намалување што се должи на падот на цените на електричната енергија, бидејќи инфлацијата на храната и прехранбените производи бележи зголемување за 14,3 отсто, јави дописничката на МИА од Атина.

Согласно официјалните податоците од Службата за статистика, инфлацијата во земјата минатиот месец е пониска во споредба со февруари кога изнесуваше 6,1 отсто, но е зголемена споредбено со истиот период лани.

За една година, од март 2022 до март 2023 година цената на електричната енергија се намали за 25,8 проценти, но има зголемување на цените на основните продукти.

Поконкретно, млечните производи и јајцата се за 23,1 отсто поскапи, месото за 19,8 проценти, лебот и житните производи за 15,6 отсто, кафето и чајот за 14 проценти итн.

Такси превозот се зголемил за 32,9 отсто, а авионските билети за 32,4 проценти.

Инфлацијата во Грција во јануари годинава беше 7 проценти, а во февруари  6,1 отсто.

Треба да знаете
Последни објави