Search

Заврши сезоната за Далас, Нетси и без Дурант и Ирвинг обезбедија плеј оф

Ослабените Маверикс загубија на домашен терен од Чикаго Булс со 112:115. Една година откако играа во финалето на Западната конференција, Лука Дончиќ и друштвото останаа без математички шанси за плеј-ин.

Коби Вајт постигна 24 поени и ги предводеше Булси до славје на кое се зацврстија на десеттата позиција на Истокот, а во плеј-ин ќе гостуваат во Торонто. Далас беше ослабен за повредениот Кајри Ирвинг, додека Лука Дончиќ одигра неполни 13 минути и постигна 13 поени.

ЛА Лејкерс на домашен терен го победија забележително ослабениот Феникс Санс со 121:107. Лејкерси имаат скор од 42-39 победи-порази и се обидуваат да избегнат плеј-ин и директно да се пласираат во плеј-офот. Д’Анџело Расел со 24 поени беше најефикасен играч на Лејкерс, Остин Ривс постигна 22, а Малик Бисли 21 поен. Ентони Дејвис го заврши натпреварот со 14 поени и 21 скок. Кај Санс, кои ги одморија своите четворица најдобри играчи, најефикасен беше Тори Крег со 18 поени.

На истокот, Бруклин Нетс на домашен терен го победи Орландо со 101:84 и со тоа ја обезбеди позицијата број 6 и автоматски пласман во плеј-офот каде ќе игра против Филаделфија 76ерс. Микал Бриџис со 22 поени ги предводеше Нетси до славјето.

Да речеме и дека се познати сите плејоф и плеј-ин парови. Мајами како седмопласирана екипа на Истокот во плеј-ин ќе и гостува на осмопласираната Атланта, додека Торонто ќе биде домаќин на Чикаго. Победникот од пресметката Мајами-Атланта во првото коло од плеј-офот ќе игра против вториот носител Бостон Селтикс, додека поразените од споменатиот меч ќе му бидат домаќини на победникот од пресметката Торонто-Чикаго. Другите две плејоф двојки на Истокот се претходно споменатите Филаделфија – Бруклин и Кливленд – Њујорк.

Треба да знаете
Последни објави