Search

Викендов се одржува првата Академија за јавни политики „Од идеја до реализација“ во организација на Фондација Фридрих Еберт и СИГА

Викендов се одржува првиот модул од Академијата за јавни политики „Од идеја до реализација” во организација на Фондацијата Фридрих Еберт и во соработка со „Асоциjациjата за инклузивен и одржлив развоj – SIGA”, чијашто цел е како одредена идеја по методологијата „Design Thinking” да ја имплементираме во јавна политика. Оваа Академија којашто за првпат се реализира претставува едукативен и интерактивен концепт за развоj, подигнување на свеста за одредени општествени состојби и градење на капацитети за дејствување кај учесниците.

На првиот модул учество земаат истакнати предавачи и обучувачи од земјава, проект координаторот во Фондацијата Фридрих Еберт Нита Старова, директорката на Асоцијацијата за одржлив и инклузивен развој СИГА Мила Царовска, управниот директор на првиот акцелератор за социјално претприемништво и импакт бизниси во земјава Кристијан Милевски, бизнис консултантот Трајче Воинов, како и маркетинг и бизнис стратегот Дарјан Раденковиќ.

Директорката на „Асоциjациjата за инклузивен и одржлив развоj – SIGA” Мила Царовска истакна дека оваа академија на учесниците преку интерактивни работилници, сесии и вежби ќе им овозможи правилно да развијат сопствена идеја, да искреираат план и идејата да ја преточат во конкретна политика или акција.

„На првиот модул, младите учесници ги запознавме со методологијата и петте фази на „Design Thinking” како и со сегментите од бизнис модел канвас. Со овие предавања и работилници очекуваме да ги мотивираме младите, да почнат да размислуваат креативно за решавање на општествените проблеми кои сите не засегаат. Среќна сум што заинтересираноста е голема кај младите лица за правење позитивни промени во општеството. Сигурна сум дека ќе ги поттикнеме нивните креативни идеи да ги реализираат преку креирање на јавни политики за кои понатаму ќе застапуваат или ќе ги имплементираат во заедницата во која живеат. Младите имаат капацитет да управуваат со процесите и да носат одлуки, а наша обврска е преку едукација и поддршка да им овозможиме реализација на нивните креативни идеи”, истакнува Царовска.

Методологијата „Design Thinking” е процес насочен кон човекот, ги охрабрува организациите да се фокусираат на луѓето за коишто создаваат, води до подобри производи, услуги или процеси. Постојат пет фази на овој метод – емпатија, дефинирање на проблемот, идеација, прототип и тестирање.

Академијата за јавни политики „Од идеја до реализација” се организира во четири тематски единици-модули, во период од шест месеци (април-ноември) и во траење од два дена или вкупно 8 дена.

Треба да знаете
Последни објави