Search

Азески на средба со наградените компании од КИФ: Македонските компании се препознаваат во регионот како добра формула за успех

„Чест е што македонските компании се препознаваат во регионот како добра формула за успех. Тоа значи дека нивната вредност расте додека бизнис стратегијата успешно ја адаптираат на светот кој се менува со голема брзина” – со овие зборови претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески денеска во својот кабинет им ги честиташе наградите на претставниците на четирите компании кои добија признанија од Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (КИФ) во неколку категории: „Алкалоид” за водечки инвеститор во регионот, винарска визба „Тиквеш” за компанија со најголем раст на извозот во регионот за 2022 година, „Макпрогрес” за дигитален шампион во регионот на Западен Балкан и „Градежен институт Македонија” – шампион за заштита на животната средина.

Наградените се заблагодарија на признанијата кои се резултат на континуираните напори и активности компаниите да ги подобрат своите перформанси и да излезат од границите на земјата.

„Убаво е кога ќе се препознае добар проект и ќе се награди. Тоа дава мотивација за уште посериозен ангажман. Силно сум убеден дека за нас компаниите коморското здружување е важно, а регионалното здружување е едно ниво повисоко”, истакна Глигор Цветанов генерален директор на „Макпрогрес” Виница, која е една од најголемите прехранбени индустрии и најголем извозник на храна од Македонија.

Винаријата „Тиквеш” со раст на извозот од 64 отсто, е единствената македонска компанија што ја доби престижна награда „компанија со најголем раст на извозот во регионот”.  

„Развојот го гледаме преку поуспешен настап на странските пазари, затоа што домашната економија има елемент на органичување земајќи го предвид големото учество на Тиквеш на домашниот пазар од 65%. Винската култура во регионот е на многу високо ниво и ќе расте, а нашето учество е мало. Затоа првиот чекор е регионот, а потоа и посилен продор на интернационалните пазари”, изјави генералниот директор на „Тиквеш”, Радош Вукиќевиќ.

За инвестираните 104,1 милиони евра во изминативе пет години, Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан го прогласи „Алкалоид” за водечки инвеститор во регионот. За Александар Стојановски од „Алкалоид” наградата е заслуга на целиот тим во компанијата.

„Имаме визија за тоа што сакаме и каде сакаме да бидеме. Уште пред седум години Службата за инвестиции изработи развоен план за следните 20 години кој беше прифатен од менаџментот и по кој работиме. И во иднина ќе бидете информирани за нашите успеси”, вели Стојановски. 

Со традиција од 48 години, успешно градејќи ја својата визија – да биде водечка компанија во областа на градежништвото преку континуирани инвестиции во иновации и човечки капитал, „Градежен институт Македонија” е избран за шампион за заштита на животната средина.

„Политиките, стратегиите и примената на мерки за заштита на животната средина, како компанија ни се блиски и познати. Имаме цел оддел ангажирано за тоа. Работиме по сите стандарди веќе со години, така и ќе продолжиме, зашто тоа е многу важен елемент за нас”, вели Михо Јаневски, претседател на УО на „Градежен институт Македонија”.

По повод петгодишнината од формирањето, Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (WB6CIF), на почетокот на 2023 година објави повик за учество во регионалниот натпревар отворен за компании од шесте земји членки. Рангирањето на апликациите, поделени во шест категории, беше направено од комисија составена од по еден претставник од шесте стопански комори на Западен Балкан и претставник од канцеларијата на Коморскиот инвестициски форум.

Треба да знаете
Последни објави