Search

Средба Панајотопулос – Резников: Потврдена грчката поддршка за Украина

Силната поддршка на Грција за Украина, украинскиот народ и неговото право да ја брани својата татковина и да го врати суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата, изразил министер за одбрана на Грција Никос Панајотопулос на денешната средба со неговиот украински колега Олексеј Резников, јави дописничката на МИА од Атина.

Панајотопулос, како што пренесе грчката новинска агенција АНА-МПА, потсетил дека Грција уште на самиот почетокот на војната „недвосмислено ја осуди руската агресија“ и ги спроведе сите санкции.

Украинскиот министер за одбрана, од своја страна, ѝ се заблагодарил на Грција за поддршката на повеќе нивоа, а се осврнал и на претстојното членство на Шведска во НАТО, карактеризирајќи го како симболично, со оглед на тоа дека шведското знаме ги има истите бои како и украинското и изразил надеж дека Украина ќе биде следната земја.

Двајцата министри разговарале и за потребата од зајакнување на одбранбената соработка меѓу Грција и Украина.

Според АНА-МПА, на средбата, началникот на Генералштабот на грчката армија Константинос Флорос се осврнал на помошта што Грција ја испратила или ќе и ја испрати до Украина споменувајќи: 72 тони хуманитарна помош, 3.870 тони воена опрема, противвоздушни ракети Стингер, ракети, артилериски гранати, муниција за пушки, оклопни возила БМП-1, како и подготвеност за трансфер, во соработка со Меѓународниот координативен центар за донации, на уште една пратка БМП-1, ракети ХЕ 73 мм и артилерија. 

Треба да знаете
Последни објави