Search

Савевски: На ЕП не разочаравме, иако не ја поминавме групата

Селекторот на македонската женска ракометна репрезентација, Љубомир Савевски претпладнево пред Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија го презентираше извештајот за настапот на Европското првенство 2022.

Савевски е задоволен од игрите на македонските ракометарки, иако тие не успеаја во намерата да се пласираат во втората фаза.

-Не ја поминавме групата, но не разочаравме. Игравме против Франција, Холандија и Романија кои се реално поквалитетни од нас. Загубивме на трите средби, можевме повеќе, но ова е вистинската слика за нас во моментов. Кај другите репрезентации интернационалките се носителки во своите клубови, додека нашите не се во таква позиција, истакна Савевски.

Селекторот напредокот го гледа во формирање клуб-репрезентација и многу повеќе заеднички тренинзи.

– Треба да се обидеме да создадеме клуб-репрезентација со што најквалитетните ракометарки ќе бидат заедно на исто место. Занем дека во моментов тоа е невозможно. Затоа инсистирав на што повеќе заеднички тренинзи. Ваквиот начин на работа даде видлив напредок, истакна Савевски.

Македонските ракометарки на 8 април во СЦ „Борис Трајковски“ ја пречекуваат Украина во првиот меч од пресметката за пласман на Светското првенство 2023. 

Треба да знаете
Последни објави