На изборите во Бугарија со 26,33 отсто од гласовите води Коалцијата ГЕРБ-СДС на Борисов

На парламентарните избори во Бугарија, одржани во неделата, врз основа на 71,64 отсто од обработените гласови, во парламентот влегоа шест партии предводени од коалицијата ГЕРБ-СДС предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов со 26,33 отсто од гласовите, јавуваат медиумите во регионот.

Седува Сојузот „Демократска Бугарија“ и „Преродба“ со 14,76 отсто.

Централната изборна комисија утринава соопшти дека во борбата за третото место „Преродба“ – екстремно десничарската и ултранационалистичка политичка партија води со два отсто од гласовите во однос на центристичкото Движење за права и Слободи (ДПС).

Петта е Бугарската социјалистичка партија (БСП), а во парламентот влегува и партијата „Има таков народ“.

Тоа е политичка партија основана од бугарскиот пејач, ТВ водител и политичар Слави Трифонов.

Изборите ги предводи коалицијата „Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), централно-десничарската партија на долгогодишниот лидер Бојко Борисов, со Унијата на демократски сили (СДС).

Изборите во неделата беа петти парламентарни избори во Бугарија во изминатите две години и се одржаа во атмосфера која се карактеризира со широко распространето незадоволство против политичките елити кои многумина ги сметаат за неподготвени сериозно да се зафатат со корупцијата и економските реформи, според Ројтерс.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека Бугарија и по овие избори нема да добие функционално парламентарното мнозинство, што ќе ги загрози амбициите на земјата да се приклучи на еврозоната во блиска иднина и ефикасно да ја искористи помошта на Европската унија за да се опорави од последиците од Ковид-19 пандемијата, пренесува Ројтерс.

„Без разлика кој ќе победи, големото прашање ќе остане нерешено – какви се изгледите за формирање на нова влада. Јасно е дека во моментов нема политичка сила која има не само апсолутно мнозинство, туку доволно голема предност за формирање влада“, оценува Геновева Петрова од агенцијата Алфа Рисрч.

Треба да знаете
Последни објави