Search

Арсовска тропна на погрешна врата за да го врати споменикот на Ќосето пред комплексот судови

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска тропа на погрешна врата за да добие „зелено“ светло да го врати споменикот на Андон Лазов – Ќосето пред комплексот судови. Согласност за ново поставување на споменикот на Ќосето, градоначалничката Арсовска треба да побара од Собранието, не од општина Центар, велат од општината.

Од Центар појаснуваат дека согласно законот за меморијалните споменици и спомен-обележја, надлежностите за подигнување на споменици се наоѓаат во Собранието, додека Општините можат да подигнуваат спомен-обележја само за личности и настани од локално значење.

– На погрешна адреса е испратено барањето. Ќосето нема никаква врска со Општина Центар ниту пак е лик од локално значење и оттаму ова прашање не може да се третира на општинско ниво. Град Скопје треба да се обрати до Собранието. – велат од Општина Центар.

Инаку минатиот месец градоначалничката на Скопје доставила писмено барање до Општина Центар за согласност за враќање на Ќосето пред судовите. Од СДСМ денеска обвинуваат дека година и половина Скопје е нефункционален град, нема реализација на ниту еден важен проект, а ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска се фатиле за споменици и Ќосето.

– Наместо да обезбеди услови за подобар живот на скопјани ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска сака да го вратат споменикот на Ќосето, кој во времето на режимот противправно беше поставен во центарот на Скопје. Шпицниот градоначалник, Мицкоски вчера ја поддржа Арсовска во оваа намера. Раце во медот и споменици, тоа се случува секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е локална власт во Скопје. – велат од СДСМ.

Споменикот на Ќосето со кама во рака беше поставен во 2014 година кога прв човек на Скопје беше Коце Трајановски. Кога Шилегов стана градоначалник споменикот во 2018 година тој беше отсранет, бидејќи било утврдено дека е дивоградба и беше однесен во магацин во „Металски завод Тито“.

На неговото место, во присуство на германскиот амбасадор се засади дрвото Гинко, посветено на човековите права со изгравирана плочка каде е испишан членот 10 од декларацијата за човекови права на ОН.

Инаку, споменикот беше донација од здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин.

Треба да знаете
Последни објави