МЗТ го совлада Задар и остана во игра за опстанок во АБА

Кошаркарите на МЗТ Скопје остануваат во игра за опстанок во АБА-лигата, откако вечерва на домашен терен го совладаа Задар (84-80), а претходно добија помош од Сплит, кој беше подобар од директниот ривал на македонскиот првак, Борац Чачак (113-99).

Клучна за триумфот на сино-белите од Аеродром беше серијата 18-0 на крајот од првата и почетокот на втората четвртина, со која дојдоа до огромни плус 23 (40-17). Тоа беше потстрекот кој им требаше на избраниците на тренерот Драган Николиќ, кои потоа со агресивна одбрана и смирени напади ја задржаа високата предност до самиот крај.

Задрани заиграа многу подобро во третиот период, врзаа неколку тројки во низа, па со серија 15-5 на крајот од четвртината намалија само на пет поени разлика (65-70). Тоа не ги исплаши мотивираните сино-бели кошаркари, кои последните десет минути ги почнаа со 9-2, со кои повторно дојдоа до двоцифрена предност (79-67), која им даде мотив и сила да издржат до крајот и да дојдат до драгоцената победа. Тоа, сепак, не го сторија лесно, бидејќи гостите се приближија на само минус два на десетина секунди до крајот (80-82), но за среќа Сани Чампара во тие моменти промаши три од четирите слободни фрлања, па хрватскиот тим не направи пресврт.

Мајк Кефи со 19 поени беше најефикасен кај тимот од „Јане Сандански“, веднаш зад него беше Страхиња Миќовиќ со 15 поени и 11 скока, додека Кеандре Кук додаде 14 поени. Лука Божиќ со 21 поен, осум скока и шест асистенции беше најдобар кај Задар.

МЗТ Скопје сега има скор 5-19, односно една победа помалку од Борац Чачак. До крајот има уште две кола, во кои аеродромци мора да ги победат Сплит на гостински и Цибона на домашен терен, додека чачаните ќе мора да загубат од Црвена Звезда дома и од Будуќност на гости.

Треба да знаете
Последни објави