Search

Следи намалување на цените на овошјето и зеленчукот- инспекторите минатата недела наплатиле 100.000 евра казни за непочитување на замрзнатите цени

Откако беше намалена цената на лебот на 33 денари, поевтинија тестенините и млечните производи, а пред престојните празници се замрзна и цената на јајцата. Владата на вчерашната седница донесе нова одлука за намалување и замрзнување на цените на хигиенските производи. Согласно одлуката се утврдуваат највисоки цени на тоалетна хартија,влажни марамчиња,пелени за деца и возрасни (дајперси) и хигиенски влошки кои се применувале на 20 март во трговијата на мало, кои цени се намалуваат за 13%. „Оваа одлука се носи согласно анализите направени во Министерството за економија имајќи ги во предвид податоците од Царинската управа. Во делот на тоалетна хартија цените на тоалетната хартија се движеле од 94,8 денари до 343,3 денари, од 1 март до 24 март 2023 година цената се движела од 94,8 денари до 205 денари а со пресметано ДДВ од 11 денари до 241 денар, а 85% од тоалетната хартија е од увоз. Кај влажните марамици цената се движи 94,6 денари во јануари, 94,5 денари во февруари и 83,2 денари во месец март 2023. Редовната царина е 6%. За пелени за деца и возрасни (дајперси) се движи 36, денари по парче до 1.600 денари по кутија, а кај за хигиенски влошки се движи 27,9 денари по парче до 63,56 денари по парче. Редовната царина е 6%“ кажа министерот Бектеши. Покрај цените на лебот, млечните производи, јајцата и тестенините, намалена беше и цената на оризот, додека пак брашното се очекува да добие пониска цена во периодот што следува. Бектеши и најави замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот. -Влезните параметри за овошјето и зеленчукот од Министерството за земјоделство се веќе во Министерството за економија и се очекуваат уште податоците од Царинската управа, по што утре или најдоцна до недела јавнсота ќе биде информирана на кои овошјe и зеленчуци ќе се замрзнат цените, рече Бектеши. Премиерот Димитар Ковачевски  вчера при  посета на компанијата за производство на јајца „Везе Шари“ повтори дека Владата е насочена кон стабилизирање на цените на основните прехранбени производи со цел еднаквост за сите како основа на неговото работење. Владата мисли на граѓаните, со исправни економски политики константно растат платите и пензиите. Минималната плата од овој месец се покачи за 2.175 денари односно од 18.000 на 20.175 денари. Мартовската пензија е покачена за 8,4 проценти – во една календарска година пензиите пораснаа за 16 проценти, а со септемвриското усогласување ќе се зголемат за 25 проценти. Со овие мерки инфлацијата е зауздана, а резултатите ќе бидат видливи многу скоро. Бектеши, кој тврди дека  нема да дојде до нагло поскапување на производите кога ќе престанат да важат владините одлуки за замрзнување на цените. Производителите и трговците, како што вели министерот за економија, можат да направат калкулации согласно постечките цени на суровините и другите параметри кои се влезни во утврдувањето на финалната цена на производите. – Нема таков ризик оваа година. Ги повикав сите производители и увозници, тие знаат кога поскапуваат суровините и кога е жетвата, да се подготват зашто мерките може да продолжат и по 31 мај. Значи, нема никаков ризик од зголемување на цените, производителите и трговците може да направат калкулации согласно постечките цени на суровините и другите параметри како влезни во утврдувањето на финалната цена. Сите моментно се со маржа на профит и со цените утврдени од Владата, изјави министерот. Од Стопанската комора на Северна Македонија, пак, и вчера порачаа дека замрзнувањето на цените не е пазарна мерка. – Ако Владата сака да интервенира за да го заштити населението, треба да ги активира стоковните резерви кои секогаш во ваква ситуација се покажуваат како подобар механизам, изјави извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев, посочувајчи дека економиите во светот имаат поинаков пристап и проблемот не го решаваат со замрзнување на цените. Над 500 инспекциски надзори на целата територија на државата извршил Државниот пазарен инспекторат во текот на изминатата седмица. Во периодот од 20 до 26 март пазарните инспектори издале над 180 прекршочни платни налози со вредност над 6,5 милиони денари. Најголем дел од казните биле издадени за прекршување на Законот за трговија, потоа за прекршоци според Законот за финансиска дисциплина, Законот за угостителска дејност, Законот за заштита од пушењето и Законот за енергетика. Државниот пазарен инспекторат информираше дека минатата седмица биле извршени и над 130 инспекциски надзори по одлуките на Владата за замрзнување на цените на одредени производи. „Во некои економски субјекти констатирани се 6 прекршоци за што се издадени прекршочни платни налози во висина од над 754.000 денари“, информираат од пазарниот Инспекторат, од каде додаваат дека законите ќе важат исто за сите и секој што нема да ги почитува ќе биде санкциониран.
Треба да знаете
Последни објави