Search

Битиќи: Регионот работи на создавање високо платени работни места

Развојот на нашите држави е меѓузависен и само со кооперативност и компетентност можеме да го искористиме целосниот потенцијал на нашиот регион, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на регионалната конференција на тема „Како да се обезбеди поголема соработка помеѓу економиите од Западен Балкан – предизвици и можности“.

-Иницијативата, со своето оригинално име „Берлински процес“ која започна во 2014 година, за подоцна да го ребрендира регионот со називот Западен Балкан, е една од најдобрите иницијативи во економска смисла кои му се случиле на овој историски турбулентен дел од Европа. Во тоа време малкумина веруваа дека нешто коренито може да се промени, за сега после скоро една декада сите да бидеме сведоци на промените кои се случуваа во изминатиот период, и несомнено дадоа огромен придонес кон поголема меѓусебна интеграција и соработка не земјите од целиот регион. Кога зборуваме за меѓусебната соработка, сите шест земји од регионот имаат потпишано низа билатерални и мултилатерални договори и иницијативи за слободна трговија со кои меѓусебната трговија помеѓу сите нас се одвива без никакви царински и даночни бариери, кажа Битиќи.
Според него, еден од можеби најубавите примери од периодот на пандемијата со КОВИД-19 за регионалната соработка е воведувањето на т.н. зелени коридори кои допринеле кон многу побрз проток на стоките преку граничните премини, и минимизирање на периодот на чекање на граница на големите товарни камиони.

-Но тоа не значи дека ние сме направиле се што е потребно како држави, и потполно сме свесни дека пред нас се крупни чекори, како во намалување или отстранување на преостанатите бариери за уште поинтензивна меѓусебна соработка, така и во создавање на посебна подлога за развој на модерни технологии со кои ќе се креираат нови високо платени работни места. Целиот регион во кој живеат околу 18 милиони жители и кој го има започнато својот пат да стане дел од заедничкиот пазар на ЕУ каде нашите компании ќе имаат можност да ги нудат своите производи и услуги на пазар од околу 500 милиони потрошувачи, се уште е далеку под стандардот на земјите од ЕУ, со БДП по жител на нивото од околу 30% од просекот во ЕУ. За да стигнеме до ЕУ просекот е можно, само преку меѓусебна соработка. Регионалната конкурентност, наспроти регионалната конкуренција е нашата можност, за побрзо надминување на предизвиците во модерните времиња на брзи промени, истакна Битиќи.

Треба да знаете
Последни објави