Почина шестгодишно девојче на инфузија во болницата во Битола, било примено со температура и повраќање

Шестгодишно девојче од битолското село Кравари вчера попладне починало на Детското одделение во битолската клиничка болница, јавува „Независен“.

Девојчето, со симптоми на настинка, покачена температура и дијареја, било однесено од родителите на Педијатрија и, како што кажуваат блиски на семејството, тоа починало додека примало инфузија.

Роднините на семејството се сомневаат дека детето не било соодветно третирано.

Директорот на битолската клиничка болница, Александар Обедниковски, ја потврдил информацијата и изјавил дека во тек е обдукција за да се утврдат причините за смртта.

Директорот на болницата, Александар Обедниковски, за „Макфакс“ вели дека девојчето било во нивната болница само неколку часа.

„Девојчето е донесено во болницата во 10 часот вчераутро, а почина во 14 часот. Родителите го донесоа дехидрирано, со покачена температура, повраќање и со оток на очите. Кај нас беше само рехидрирано пред да почине. Телото сега е на обдукција, а за случајот го известив Обвинителството“, рече директорот Обедниковски.

Според кажувањата на родителите, детето претходните два-три дена примало некаква терапија, но директорот Обедниковски вели дека тие како болница имаат пристап само до мерките што ги презеле специјалистите кај нив во болницата, а за сè друго ќе почекаат да заврши истрагата, која е во тек.

Треба да знаете
Последни објави