Search

На американскиот Самит за демократија ќе учествуваат 120 лидери

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден испрати покани до 120 светски лидери за вториот Самит на демократијата, што е закажан за следната недела.

Неименуван претставник на американската администрација изјави дека поканети се и претставници од осум земји кои не беа на првиот Самит на Белата куќа во 2021 година. Босна и Херцеговина, Гамбија, Хондурас, Брегот на Слоновата Коска, Лихтенштајн, Мавританија, Мозамбик и Танзанија добија покани за овогодишниот Самит откако беа изоставени од листата на покани за Самитот во 2021 година.

Пред Самитот, на 28 март предвидено е украинскиот претседател Володимир Зеленски да учествува на настан посветен на неговата земја, заедно со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Самитот на демократијата годинава ќе се одржи на 29 и 30 март, а коорганизатори ќе бидат владите на Костарика, Холандија, Јужна Кореја и Замбија.

Првиот ден од Самитот ќе биде во виртуелен формат.

Според претставниците на Белата куќа, претседателот Џо Бајден ќе се обиде да нагласи дека настаните од минатата година покажаа со полна сила дека демократската влада, заснована на владеењето на правото и волјата на граѓаните, и покрај нејзините чести нарушувања останува најдобар систем за промовирање на просперитет и мир.

Бајден првично ја изнесе идејата за Самит за демократија за време на неговата кампања во 2020 година. 

Треба да знаете
Последни објави