Search

Клеверли: Најдобро ќе ја заштитиме Молдавија ако ја заштитиме Украина

Најдобар начин Молдавија да се заштити од руски напад е да се заштити Украина, изјави британскиот министер за надворешни работи, Џејмс Клеверли, кој истовремено јасно стави до знаење дека Британија не е наклонета директно да испраќа оружје до властите во Кишињев.

Клеверли во текот на посетата на Молдавија најави британска помош во износ од 12 милиони американски долари за спроведување на реформите во економијата и државната администрација. Помошта вклучува и реформа во енергетскиот сектор.

Од руската инвазија на Украина, прозападната Влада на Молдавија и нејзините сојузници стравуваат дека земјата може да биде вовлечена во конфликтот.

Молдавија, земја со само 2,5 милиони жители, граничи со Украина и има руски мировници во отцепениот регион Придњестровје, лојални на Москва.

Москва повторува дека ова е неоправдана „русофобија“.

Запрашан од новинарите дали Лондон планира да испрати воена помош за Молдавија, Клеверли рече: „Силно веруваме дека еден од најдобрите начини да се заштити Молдавија од напад е да им се помогне на Украинците да се одбранат од Русија“.

Во последните месеци неколку проектили насочени кон Украина влегоа во воздушниот простор на Молдавија. Кишињев, исто така, ја обвинува Москва за поттикнување антивладини протести, што Кремљ го негира.

Во февруари, претседателката на Молдавија, Маја Санду, исто така, ја обвини Москва за планирање државен удар и соборување на Владата во Кишињев. 

Треба да знаете
Последни објави