Search

Молдавските медиуми пишуваат за обид за атентат на Османи, од МНР велат дека не биле информирани за какви било закани

Молдавските медиуми пишуваат дека е избегнат атентат врз македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, за време на неговата посета на Молдавија во својство на претседавач со ОБСЕ. Како што пренесе медиумот „Реалитатеа“, нападот требало да биде изведен со автомобил бомба.

Од тука наведуваат дека Тираспол, кој е главен град на Транснистрија – регион отцепен од Молдавија, ја обвинил Службата за безбедност на Украина дека стои зад ваквите планови.

Од македонското МНР велат дека не биле информирани, ниту постоеле индикации за какви било закани или можен напад врз делегацијата на ОБСЕ ниту кон претседавачот Османи за време на неговата посета.

„Во рамките на ОБСЕ посетите на делегациите на Организацијата и посетите од страна на претседавачот предвидуваат посебни безбедносни протоколи, кои се во надлежност на земјата домаќин. Реализираните посети на Украина, Молдавија, како и предвидените теренски посети во другите таканаречени загрозени подрачја, се реализираат со јасна назнака дека тоа се посети на делегацијата на ОБСЕ, што во меѓународните односи се сметаат за посети со зголемен ризик и внимателност. Претседавачот имаше целосна доверба во безбедносните служби на Молдавија и во тамошните власти, кои ги гарантираа неговата безбедност и безбедноста на делегацијата“, се наведува во соопштението на МНР.

Се додава дека безбедноста на претставниците на ОБСЕ е од висок приоритет и Организацијата ќе ја продолжи блиската соработка со локалните власти за време на која било посета и на која било локација.

Треба да знаете
Последни објави