Search

Две девојчиња го признале убиството на 12-годишната врсничка во Германија, можниот мотив-одмазда

Две девојчиња, на возраст од 12 и 13 години, признале дека ја убиле 12-годишната Луиз, која во неделата беше пронајдена мртва во близина на нејзиниот дом во Фројденберг, Германија, соопшти полицијата. Според германските медиуми, најверојатно мотивот за убиството е одмазда, а обвинителот кажал дека емоциите имале голема улога во злосторството.

„По првото испрашување девојките дадоа контрадикторни изјави, а по второто испрашување го признаа делото“, изјави портпаролот на полицијата во Кобленц.

Засега официјално ништо не се знае за мотивот на злосторството, а се трага и по ножот со кој е извршено убиството.

Германските медиуми јавуваат дека мотивот за убиството најверојатно е одмазда. Имено, кобниот ден Луиз се скарала со девојчињата кога се враќале од училиште. За време на расправијата убиената девојка наводно се исмејувала со една од нив, но не се знае на кој начин. Сè уште не е јасно дали била убиена во напад на бес или девојките ѝ поставиле заседа.

„Наводните сторители мора да бидат заштитени бидејќи се деца. Каков мотив би имало едно дете да направи такво злосторство што не доликува ниту на постар човек. Јасно е дека емоциите одиграа важна улога“, рече обвинителот Марио Манвејлер.

Тој објасни дека девојчињата не подлежат на кривична одговорност поради нивната возраст. „Ова не значи дека ништо нема да им се случи. Тие се во рацете на младинскиот центар“, рече Манвејлер.

Обвинителот прецизираше дека девојките кои го извршиле убиството припаѓаат на блискиот круг на пријатели на Луиз, а полицијата претходно соопшти дека жртвата имала повеќе убодни рани по телото и починала од загуба на крв.

Телото на 12-годишната Луиз беше пронајдено во неделата наутро во близина на нејзиниот дом, на самата граница меѓу две сојузни покраини, на запад од Германија. Куќата на убиената се наоѓа во сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија.

Луиз исчезнала во саботата додека се враќала дома од куќата на пријател. Била пријавена за исчезната бидејќи не дошла дома, а не се јавила ниту на својот мобилен телефон. Беше започната потрага во која учествуваа поголем број полициски службеници.

Треба да знаете
Последни објави