Најголемата албанска опозициска партија го изгуби правото на учество на локалните избори

Со денешната одлука донесена попладнево од страна на албанската Централна изборна комисија, со која одби да ја регистрира Демократската партија, предводена од Енкелед Алибеај, а претходно и крилото на Сали Бериша, најголемата опозициска партија го изгуби правото на учество на локалните избори на 14 мај под логото на партијата, јавија албанските медиуми.

По дадениот рок за дополнување на документација, пред се со потписот на поранешниот лидер Љуљзим Баша, кој минатата година си поднесе оставка, но во судскиот регистар фигурира како претседател на партијата и денешната остра дебата во ЦИК, одлучено е да не се прифати барањето на Алибеај, со што ДП се изостави од овие избори.

-Во услови кога изјаснувањето не е според законските одредби, оценувам дека барањето на ДП да се запише како изборен субјект нема правна основа и не треба да се прифати. Јасно е дека ДП не може да биде регистриран како изборен субјект за изборите на 14 мај 2023 година. Оваа одлука целосно се заснова на правната оцена на фактите и на толкувањето на изборниот закон за процедури за регистрирање на политичка партија како изборен субјект. Нема никаков политички интерес, изјави Илирјан Целибаши претседател на комисијата.

Додава дека потписот на потпретседателот Алибеај, во моментот вршител на должноста претседател на партијата, со полномошно на Љуљзим Баша нема правна основа.

-Оваа заложба е лична одговорност на лидерот на партијата. Свечената изјава во која се ветува дека нема да се занимава со купување гласови или изборна манипулација мора да биде потпишана од претседателот, посочи Целибаши.

Од приврзаниците на Алибеај одлуката ја сметаат за неправедна и донесена од политички интерес и најавија приговор до Комисијата за поплаки и санкции која е компетентен орган за разгледување и определување санкции за кршење на изборниот законик, која веќе еднаш отфрли приговор на ДП токму околу истата проблематика, потписот на Баша, кој не направи никаков потег да им помогне на своите сопартијци.

-Сега со оваа одлука се отвора патот на опозицијата да излезе со само еден заеднички кандидат на листите на Партијата на слободата, на Илир Мета со која веќе има договор за тоа со Бериша. Ова е вторпат по ред официјалната ДП да не учествува на локалните избори, по бојкотот во 2019 година кога Баша беше претседател, наведуваат медиумите.

Во вакви околности на 14 мај социјалистите на Еди Рама сега треба да се соочат само со кандидатите од заедничката листа на опозицијата под логото на партијата на Мета, која веќе е регистрирана за изборите.

Треба да знаете
Последни објави