Search

Отворена првата градска биотехнолошка лабораторија

Во СУГС„Марија Кири – Склодовска“ денеска беше отворена првата градска биотехнолошка лабораторија во Скопје.

На настанот присуствуваа и се обратија Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје, Армен Григоријан, постојан претставник на УНДП и Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

„ Од исклучително значење за сите нас е првата градска лабораторија во Скопје, која е според теркот што можеме да го видиме не само во земјите во регионот, туку и пошироко. Неа ќе можат да ја користат средношколците и студентите, професорите, претприемачите и сите кои имаат желба да се занимаваат со наука и сакаат да допринесат во општеството, со тоа што ќе отпочнат со процеси кои водат кон рециклирање и реупотреба на биоотпадот“ истакна градоначалничката Арсовска.

Таа додаде дека можеби најважно е тоа дека Градот Скопје заедно со своите средни училишта, конкретно со оваа биолабораторија во средното училиште „Марија Кири – Склодовска“, со депонијата „Дрисла“ и со сопствените ресурси прави еден сеопфатен процес.

Биотехнолошката лабораторија ќе ја доближи науката до учениците, студентите и академскиот сектор, како и до граѓански сектор, претприемачите и иноваторите и ќе овозможи дизајнирање на трајни решенија за комплексните еколошки предизвици. Во оваа лабораторија се вклучени пионерите во академскиот и од деловниот сектор, кои можат да ја предводат промената за здрава животна средина.

Во отворената градска лабораторија ќе може да се експериментира со трансформација на биоотпадот, како и со биотехнологии како влезна точка во создавањето претприемачки можности за што позелена иднина.

„ Знаеме дека поголем дел од населението сега живее во градовите, а се очекува до 2050 година дури 60% од населението да живее во градовите и затоа потребно е да се најдат начини како животот во градовите да стане полесен и поодржлив за целото ова население. Реализирањето на овој инспиративен проект во СУГС Марија Кири Склодовска, ќе му помогне на училиштето да се поврзе со нучните и истражувачките центри, а со тоа ќе добие додадена вредност на самите наставни програми и на образовните програми на своите ученици – кажа Армен Григоријан, постојан претставник на УНДП.

На отворањето на лабораторијата присуствуваше и Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ, која нагласи дека од неизмерна важност е учениците да имаат на располагање простор каде што ќе имаат можност да учат, да напредуваат и дека програмата на Биотехнолошката лабораторија ќе придонесе кон раст на иновациите и претприемништвото во рамките на формалниот образовен процес и ќе поттикне интерес кај учениците да го продолжат својот кариерен развој во науката.

Треба да знаете
Последни објави