Search

Османи – Лорд Пич: Северна Македонија е извозник на стабилност во регионот

Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи денес оствари средба со специјалниот пратеник на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич.

На средбата се разменија мислења за текот на преговорите со ЕУ и домашните процеси во овој контекст, при што Лорд Пич ја повтори неопходноста од заокружување на уставните измени со цел трасирање на евроинтеграцискиот пат на земјава со забрзана динамика. Министерот Османи се заблагодари за конзистентната британска поддршка на овој план, дополнително подвлекувајќи го високиот степен на соработка меѓу двете земји сојузнички во рамки на НАТО.

Во својство на претседавач со ОБСЕ, Османи го запозна соговорникот со актуелностите во однос на нашето претседавање со ОБСЕ, реализираните и идните планирани активности низ призмата на утврдените приоритети, во кои Украина се истакнува како прв и врвен приоритет.

На средбата стана збор и за регионалната динамика, при што соговорниците беа согласни дека Северна Македонија е перцепирана како земја извозник на стабилност во регионот, меѓу другото и преку претседавањето со две важни регионални иницијативи оваа година, САД-Јадранската повелба (А5) и Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ). Двајцата соговорници го поздравија напредокот постигнат во Брисел за нормализација на односите Косово-Србија, што претставува значаен чекор од интерес за целиот регион на ЗБ. Министерот Османи потенцира дека Северна Македонија, како директен сосед на двете земји, ги охрабрува сите решенија кои обезбедуваат стабилност и ЕУ перспектива за целиот регион.

Треба да знаете
Последни објави