Search

Калас обезбеди втор мандат откако владејачката партија победи на изборите во Естонија

Либералната Реформска партија на естонската премиерка Каја Калас победи на вчерашните парламентарни избори во земјата.

По кампањата која беше засенета од војната во Украина, партијата на Калас освои најмногу гласови на вчерашните избори, и освои 37 од 101 парламентарни места, три повеќе од последните избори во 2019 година.

Резултатот што го објави изборната комисија рано денеска значи дека Калас најверојатно ќе продолжи да владее втор мандат, како што предвидуваа анкетите. Таа моментално предводи трипартиска коалиција со социјалдемократите и конзервативната партија Исама, кои освоија девет, односно осум места.

Калас, која стана првата жена на чело на владата на Естонија во 2021 година, се смета за една од најрешителните поддржувачи во Европската унија на Киев во неговите напори да се спротивстави на целосната инвазија што Русија ја започна пред една година.

Таа исто така е јасен поборник за санкциите на ЕУ против Москва и западните испораки на оружје за Киев, пренесе ДПА. Таа, исто така, повика на зајакнување на источното крило на НАТО против заканите од Русија, која граничи со Естонија.

Засега, 45-годишната функционерка остава отворено дали ќе ја продолжи сегашната коалиција или можеби ќе бара и нови партнери.

Треба да знаете
Последни објави