Search

Амнести интернешнел повика на акција против влошената состојба со човековите права во Авганистан

Организацијата за заштита на човекови права „Амнести интернешнел“ ги повика земјите-членки на Обединетите нации да преземат акција во врска со влошената состојба со човековите права во Авганистан и да обезбедат правда за жртвите на насилството на талибанците, јави ДПА.

Радикалните исламисти незаконски апсат бранители на правата на жените, академици и активисти поради нивните јавни критики, соопшти организацијата. Многумина се произволно притворени без правна заштита или контакт со нивните семејства.

„Амнести интернешнел“ наведува и дека талибанците не сакаат или не се во состојба да ги истражат постапките на нивните поддржувачи, кои грубо ги кршат човековите права на Авганистанците.

Невладината организација инсистира на создавање независен истражен механизам во земјата.

– Ситуацијата со човековите права во Авганистан брзо се влошува и немилосрдните злоупотреби на талибанците продолжуваат секој ден, рече Аниес Каламар, генерален секретар на Амнести интернешнел.

Организацијата ги документирала злосторствата извршени од членовите на талибанците од нивното враќање на власт, како што се притворање на бранители на правата на жените, новинарите и цивилите во провинцијата Панџшер, како и масовните убиства на припадниците на етничката група на хазарејците во три други провинции.

Време е јавните изјави на меѓународната заедница да бидат проследени со конкретни активности, рече Каламар.

Треба да знаете
Последни објави