Search

Владата во Франција се договори со супермаркетите за граѓаните да купуваат по најниски цени

Францускиот министер за финансии, Бруно Ле Мер, изјави дека постигнал договор со водечките синџири супермаркети за антиинфлациска кошничка, која сами ќе ја дефинираат, со цел да ги намалат трошоците за основните продукти за граѓаните. Трговците на мало се согласија да им понудат на потрошувачите најниски можни цени за период од три месеци за артикли што сами ќе ги изберат.

„Се очекува попустите да ги чинат трговците на мало стотици милиони евра“, истакна Ле Мер.

Во јуни трговците на мало и владините претставници ќе ја преоценат ситуацијата и може да побараат од главните доставувачи на стоки за широка потрошувачка повторно да преговараат за цените со малопродажните компании, додаде тој.

Инфлацијата во Франција неочекувано забрза на 7,2 отсто во февруари од 7 отсто во јануари, и тоа делумно поради повисоките цени на храната, покажуваат прелиминарните податоци на статистичката служба INSEE.

Антиинфлациската кошничка со основни прехранбени производи е последниот обид на Владата да покаже политичка поддршка за граѓаните со помали примања. На почетокот Владата се обиде да дефинира единствена кошничка со дневни потреби, но супермаркетите се бореа за правото сами да одлучат која храна да ја вклучат.

Треба да знаете
Последни објави