Ковачевски: Жените се движечка сила и на СДСМ и на државата

Еднакви и моќни жени не е само слиган, еднакви и моќни жени е перспектива, порача денеска претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на Осмомартовскиот марш кој во организација на Форумот на жени на СДСМ се одржа денеска во Прилеп

„Еднакви и моќни жени се потреба на државата, како што се потреба на светот. Затоа ја имате мојата почит сите кои бевте столбови во семејствата дома и борци на теренот – кога требаше да се добие една од најважните битки во современа Македонија, обновата на демократските вредности. Почит и кон сите определени кон рамноправност и еднакви човекови права, со што обезбедивме мир во нашата држава и успешно градиме Едно општество за сите, без разлика на какви било различности;кон сите вас кои сте и денес столбови на семејствата, но и столбови на државата –моторна, движечка сила, на прогресивна, современа атлантска и европска Република Северна Македонија!” порача Ковачевски. 

Тој истакна дека денес, во 21-от век, кога повторно мирот и безбедноста се на испит, светот повторно се сврти кон упорноста, трпението, разбирањето и љубовта, преку коишто жената, мудро, носи одлуки и наоѓа решенија за предизвиците.

-Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, отсекогаш ги препознавал и почитувал моќта и способноста на жените, кои се наоѓале и денес се наоѓаат на важни челни позиции и во Владата и во партијата. И еве, таков е примерот во Владата сега. Со именувањето на Каја Шукова за министерка за животна средина и просторно планирање, има 50 – 50, рамноправна застапеност на жени и мажи, на министерските позиции на коишто се именувани кадри од СДСМ.  

Таков е примерот и со Сања Лукаревска, заменик  претседателка на Социјалдемократскиот сојуз, која е и повеќегодишна, успешна директорка на Управата за јавни приходи. Таков е примерот и со Бисера Костадиновска Стојчевска, потпретседателка на Социјалдемократскиот сојуз и министерка за култура.

Таков е примерот и со претседателката на Форумот на жени, голем борец за рамноправноста по сите основи, Јована Тренчевска, актуелна министерка во ресорот под којшто спаѓаат родовите политики, Министерството за труд и социјална политика.

Добро е што и ние – и Република Северна Македонија, сега, во услови на војна на европскиот контитент, ја имаме министерката за одбрана – нашата колешка Славјанка Петровска. Добро е, затоа што, Да, имаме потреба од мудроста – којашто е именка од женски род, а потреба од највисок ред.

Имавме жена министерка за одбрана и за време на зачленувањето на нашата држава во НАТО, тогашната заменик претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска.

Имавме и жена министерка на надворешни работи, меѓу основачите на СДСМ, сега починатата, но секогаш почитувана, Илинка Митрева – која имаше доволно доблест да застане на оваа раководна позиција, во врвот на конфликтот во Република Северна Македонија во 2001-та година, а потоа и да ја брани исправноста на Охридскиот рамковен договор” порача Ковачевски.

Во своето обраќање, претседателот Ковачевски ја нагласи важноста на родовите можности во политиката, затоа што, според него, политиката, владите и парламентите, се тие што ги предлагаат и ги носат законите, со коишто се гарантираат човековите права, со тоа и родовите права.

Треба да знаете
Последни објави