Search

Цивилмедиа: Шест лаги и една „случајност“- рускиот амбасадор Баздникин „ги испра“ гревовите на Путин

Преземено од Цивилмедиа.мк

ДЕХРАН МУРАТОВ и ЏАБИР ДЕРАЛА

„Нова Македонија“ направи интервју со рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, објавено на 27 февруари, во кое редакцијата му даде неограничен простор на рускиот дипломат да ги пласира руските наративи за војната против Украина. Во интервјуто преовладуваат пропагандните наративи со кои целосно се негира вистинската димензија на бруталната освојувачка војна што ја поведе Русија. Во изјавите на амбасадорот Баздникин се забележува изобилство од ноторни лаги и дезинформации, кои со ниту еден збор во текстот на интервјуто не беа предизвикани со критичко прашање.

Овде анализираме само еден дел од лагите што рускиот амбасадор непречено ги пласира во интервјуто за „Нова Македонија“.

1. лага: Не сме во војна со Украина, Западот поттикнува борбени дејства

„Не треба да станува збор за руско-украинскиот конфликт, ние многупати изјавувавме дека не сме во војна со народот на Украина, кој самиот стана заложник на режимот во Киев и на неговите западни господари. А токму тие се целосно одговорни за поттикнувањето борбени дејства и за нивна ескалација“, вели амбасадорот Баздникин.

Ова е целосна лага.

Од првиот час и ден на целосната руска воена инвазија, која започна на 24 февруари 2022 година, цивилите и цивилната инфраструктура се таргет и жртва. Цивилите, меѓу кои жени и деца се нападнати од првиот момент, голем број воени злосторства беа и се извршуваат секојдневно против невооружени цивили, жени, деца и стари. Тие се подложени на ужасно малтретирање, понижувања, тортура, сакатење, силувања и егзекуции.

Од почетокот, пропагандната машинерија на Кремљ се обидува да ја убеди светската јавност дека се работи за „специјална воена операција“ против нацистите во Украина. Од овој дел на интервјуто за „Нова Македонија“ со рускиот амбасадор, може да се заклучи дека овој наратив е напуштен. Така, амбасадорот Баздникин ниту еднаш не ги спомна „нацистите“. Новиот наратив се состои во обид да се убеди јавноста дека Москва води „одбранбена“ војна со западните сили.

2. лага: Спроведуваме специјална воена операција за да ги заштитиме животите на луѓето, го штитиме нашиот роден дом

Рускиот амбасадор Баздникин, во интервјуто за „Нова Македонија“ тврди:

„Ние спроведуваме специјална воена операција за да ги заштитиме животите на луѓето – на населението во Донецката Народна Република и Луганската Народна Република, како и на Запорошката област и Херсонската област, кои се неодвоив дел на Руската Федерација – за да го заштитиме нашиот роден дом.“

Ова е уште една ноторна лага.

Русија нападна и окупира делови од независна, суверена и демократска држава – Украина, членка на ОН и на сите значајни меѓународни организации и тела. Како ги штитат животите на луѓето? Со тоа што ги убиваат?!

„Заштитата“ на животот ја спроведуваат со тоа што убиваат илјадници цивили, киднапираат илјадници деца, најмалку секој четврти жител на земјата не живее во својот дом, а градовите ги срамнија со земјата. Дури и Руси што живеат во Украина настрадаа и сега се борат рамо до рамо со украинските борци за ослободување на земјата од рускиот агресор.

Тоа што Кремљ го нарекува Донецка Народна Република и Луганска Народна Република се целосно нелегални творби и дрски фалсификати, до кои се дојде преку обид за референдум под закана со оружје, лажни ветувања и поткуп на гласачите. Па дури и тоа беше неуспешно.

Нејасно е како рускиот амбасадор го замислува тоа како заштита на „својот роден дом“ кога се окупатори во туѓа земја, а гротескната „церемонија“ на Путин на која ги потпиша законите со кои четири украински региони Донецк, Луганск, Херсон и Запорижја стануваат дел од Русија на 5 декември 2022, претставува преседан што е во целосна спротивност на меѓународното право.

Не може да се штити „свој роден дом“ кој претходно е освоен и окупиран со брутална сила, воени злосторства, геноцид и разурнување. Тоа се нарекува агресија и окупација, а не „одбрана на свој роден дом“. Украинските борци се тие што го бранат својот роден дом, а Русија е агресор. Во тој контекст, целосна лага е и тврдењето „ Пред сè, мора да се запре гранатирањето на руските градови, да се положи оружјето. Потоа ќе може да се разговара за нови реалности“. Не се гранатираат руски, туку украински градови и тоа – цивилни цели и инфраструктура – домови, училишта, градинки, породилишта, болници, трговски центри, домови за стари лица, цивилни енергетски и комуникациски системи…

3. лага: Западот ја почна војната, а ние користиме сила за да ја запреме

„Претседателот Владимир Путин истакна дека од 2014 година правиме сè што е можно проблемот да се реши со мирни средства и трпеливо преговаравме. Но западните елити подготвуваа поинакво, агресивно сценарио. Тие ја започнаа војната, а ние користиме сила за да ја запреме.“

Тотална лага!

„Миротворецот“ Путин прво испрати вооружени парамилитарни единици без државни ознаки, кои окупираа неколку делови од Украина во 2014 година. Потоа, Путин на „мирен начин“ преговараше со легитимните украински власти. Така, до почетокот на целосната воена инвазија, околу 14.000 луѓе загинаа во тие „мирни преговори“ на Путин. Според Баздникин, руските парамилитарни формации, не со оружје испорачано од Кремљ, туку со цвеќе, окупираа неколку украински региони. Ваквите пропаганди дека тие не се окупатори, туку спасители веќе не поминуваат ниту кај најсилните поддржувачи на руската агресија. Време е Кремљ да подготви нови наративи.

Рускиот амбасадор вели дека Западот ја почнал војната! Да не се работи за воена агресија со која Русија предизвикува неизмерни страдања, разурнување и смрт, и криза во целиот свет, ова може да се запомни само како глупаво и комично тврдење. Не се води војна на руска територија, туку на украинска. Руски војници се на тлото на туѓа земја, украинските бранителки и бранители, под знамето и униформите на Украина се тие што се на бојното поле. На руска територија нема ниту еден странски војник. Западот нема своја војска дури ни во Украина. А Баздникин вели дека „тие [Западот] ја започнаа војната, а ние користиме сила за да ја запреме.“ Навистина, како е можно некој да тврди нешто такво!?

4. лага: Ние не се мешаме во внатрешните работи на вашата држава и немаме намера да го правиме тоа

„Руската страна се придржува до недвосмислен став – ние не се мешаме во внатрешните работи на вашата држава и немаме намера да го правиме тоа, не преземаме никакви чекори во форма на наводни хибридни закани, за кои неосновано сме обвинети“, изјави амбасадорот Баздникин во интервју за „Нова Македонија“.

Не е точно.

Руската Федерација отсекогаш се обидувала да се меша во внатрешните работи на Северна Македонија и спроведувала операции за попречување на демократскиот развој и евроатлантските интеграции. Бројни се руските „интервенции“ во македонската политика, како за време на војната во Косово, но и пред тоа, така и во 2001-та, за време на воениот конфликт во земјава, во 2005 година кога земјава стана кандидат за членство во ЕУ, во 2016, пред падот на режимот на Груевски, во 2017-та кога беше изведен крвавиот акт на терор во Парламентот, 2018 година пред и за време на Референдумот за надминување на спорот со Грција, а потоа и во пресрет на нашето зачленување во НАТО. Хибридните закани беа придружени и со низа изјави на руските дипломати во кои тие упатија отворени закани против нашата земја. А тој вели: „Ние не се мешаме во внатрешните работи на вашата држава и немаме намера да го правиме тоа.“ Како тоа!? Навистина е нејасно.

Инаку, Русија на 7 март 2022 година ја објави листата на непријателски држави. На листата од речиси 50 земји се наоѓа и Северна Македонија. Амбасадорот Баздникин не пропушти и да се закани дека неговата земја ќе реагира на „непријателските дејства“ од нашата земја. Знаеме.

5. лага: Ќе реагираме на непријателските дејства врз основа на реципроцитет

Рускиот амбасадор Баздникин, доби прилика да се оправда дека немаат врска со хибридните закани.

„Ние ќе реагираме на непријателските дејства – врз основа на реципроцитет, но секогаш на избалансиран и, доколку е можно, на симетричен начин“, вели тој.

Што сакаше авторот да каже со ова? Односно, какви се или ќе бидат „реципрочните, избалансирани и симетрични“ санкции против „непријателските земји“ (меѓу кои е и нашата земја) што ги најави Путин? Исто како во Украина!?

Нема ништо избалансирано во тоа да се спроведуваат разузнавачки и пропагандни операции, и јавно да се упатуваат закани против нашата земја какви што имаше во минатото, а не изостануваат ни денес. Тој не објасни на кој начин протерувањето на руски дипломати кои се фатени во разузнавачки и други операции во земјава се непријателски чин. Напротив, шпионажата и субверзивните операции на руските служби на тлото на нашата земја се непријателски чин.

6. лага: За зајакнување на пријателството меѓу двата народа ќе придонесе и меѓуцрковната соработка

„Убеден сум дека за зајакнување на пријателството меѓу двата народа ќе придонесе и меѓуцрковната соработка. Минатиот август, Руската православна црква целосно ја призна автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, прва по одлуката на СПЦ“, вели рускиот амбасадор.

И ова тврдење е лажно и манипулативно.

Руската црква и во минатото и денес, претставува продолжена рака на руската државна хегемонистичка политика и никогаш не ѝ помогнала на македонската православна заедница да дојде до долгоочекуваното признание. Нивното признавање дојде дури откако, по големи напори на македонската држава и политички врв, Македонската православна црква беше признаена до Вселенската патријаршија и од Српската православна црква.

Што се однесува до улогата на црквата, во текот на целата руска агресија бевме сведоци дека таа е едно од најсилните пропагандни средства на руската пропаганда.

Случајно или не?

Случајно или не, интервјуто со рускиот амбасадор доаѓа и по неколкуте награди на македонски граѓани доделени од Руската Федерација во време кога е идентификувана како воен агресор од страна на сите членки на ЕУ и најголем број од светската јавност. Руската Федерација е прогласена и за држава – спонзор на тероризмот.

Меѓу наградените од државата-терорист се и соработници и колумнисти на Нова Македонија. Во случајов, станува збор за Венко Андоновски, писател и професор на УКИМ, како и писателот Блаже Миневски.

Ова не е прв пат рускиот амбасадор да шири руска пропаганда, дезинформации и закани низ македонскиот етер. Пред неполна година, Баздникин беше повикан во Министерството за надворешни работи, каде, како што соопштија од МНР, на амбасадорот Баздникин му била врачена вербална нота, поради објавата на руската Амбасада дека евидентира „случаи на русофобија“ во Северна Македонија. Претходно, Руската Федерација ја стави Северна Македонија на списокот на странски држави и територии кои, според нив, вршат непријателски дејствија против Русија.

Треба да знаете
Последни објави