Search

Ученици од гимназијата „Кочо Рацин” од Велес на гости кај претседателот Пендаровски

Ученици од СОУ гимназија „Кочо Рацин” од Велес денеска го посетија Кабинетот на претседателот во рамки на активноста Отворен Кабинет.

Учениците за време на престојот во претседателскиот Кабинет се сретнаа и поразговараа со претседателот Пендаровски за неговата работа, како и за претседателските надлежности и активности. Тие ги разгледаа и просториите во коишто се реализираат официјалните и работните средби, како и салите каде се одржуваат свечености, настани, прес-конференции, седници на Советот за безбедност, предавање на акредитивни писма од странски амбасадори.

Посетителите од велешката гимназија беа запознати со историјатот на објектот каде што е сместен Кабинетот на Претседателот, како и за начинот на функционирање на институцијата, а го разгледаа и импозантниот диптих „Македонија – светла земја” и „Македонија памети” на еден од најзначајните македонски уметници Глигор Чемерски, поставен на двата ѕида во Мозаик салата.

Отворен Кабинет е дел од проектот Лице в лице со Претседателот, во чии рамки досега Кабинетот на Претседателот го посетиле граѓани од различни возрасти, професии и занимања, студенти од земјава и од странство, како и ученици од основни и средни училишта.

Треба да знаете
Последни објави