Search

Пекарите брзо разбраа дека „преку леб бараат погача“ па од утре пак ќе ги полнат рафтовите

Лебот како симбол за благосостојба или сиромаштија ја искачи изминативе три дена Македонија на врвот со топ-вести. Луѓето во земјава и пошироко со право се вчудоневидени. Си го поставуваат прашањето за кое немаат одговор – „Дали ова е навистина можно да нема леб во 21 век !“ Може, и тоа во нашата Македонија ! За среќа циркузијадата, но не и гладот, бидејќи човекот е жив ѓавол па брзо се снајде – адаптира на новонастанатата ситуација, тареше само три дена. Од утре полиците во маркетите и пекарите повторно ќе бидат полни со лебот наш ненасушен.

Производителите посегнаа по најнепопуларниот потег прекинување со производството. Колку и да биле револтирани од одлуката на Владата да ја замрзне цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, нема оправдување. Се изрезилија. Но, брзо разбраа дека „преку леб бараат погача“ па одлучиле колективно да му се вратат на производдството, со најава дека битката ќе ја продолжат во судница.

 -Пекарниците се согласија од утре да се почне со производство и испорака на одредени видови леб, во зависност од секој од можностите за да може да им се излезе во пресрет, пред се на потрошувачите, но и да се опстане во периодов на погрешни одлуки, кои нанесуваат штета со несогледливи последици за нас како индустрија – порача Горан Малишиќ претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при СКСМ.

Пекарниците одлучиле да почнат со нивно производство и испорака, а истовремено ќе тргнат во правна битка за наплата на штетата, што ја претрпеле по владината одлука за замрзнувањето на цената на лебот. Малишиќ смета дека компаниите максимално ги почитувале владините мерки за поддршка, но Владата донела неуставна и незаконска одлука со која до 31 мај ќе им се нанесе штета од над 4,5 милиони евра.

Владата пак е револтирана оти пекарите не го испочитувале договорот да ги намалат цените бидејќи им излегле во пресрет со субенционирана струја во екот на најголемата енергетска криза. Како да ги заштити граѓаните откако пекарите не си го испочитувале договорот, Владата најде начин да ги принуди да ги произведуваат двата типа на леб со замрзната цена од 33 денари. Со одлука наложува дневно да произведуваат и испорачуваат 80 отсто од количината на овие два типа на леб кои ги произведувале во декември минатата година. Мелничко-пекарската индустрија иако утрово ја бојкотираше одлуката, сепак од утре ќе прекине со штрајкот и ќе почне да произведува и да доставува бел и полубел леб по замрзната цена.

-Компаниите што во моментов не сакаат да произведуваат леб по цена од 33 денари, всушност добија најголем дел од субвенциите за евтина струја од 80 евра за мегават час. Ваква цена никаде не можевте да најдете на пазарот во време на криза. Тие треба да покажат одговорност и да го испорачуваат тоа што е потребно. Во нашата држава имаме Закон за трговија, за заштита на потрошувачи и Закон за заштита на конкуренција. Сите законски одредби ќе бидат искористени. Морам да искажам разочарување за дел од производителите. Бевте сведоци по медиумите имаше сметки дека некои продавале леб од 50 денари во доцни ноќни вечерни часови. Тоа е срамота. Од друга страна има одговорни компании и ги спроведуваат мерките согласно одлуките на Владата. На нив сакам да им се заблагодарам – рече Димитар Ковачевски премиерот на македонската влада.

Треба да знаете
Последни објави