Search

Во Србија цената на лебот е замрзната на 30 денари, каква е состојбата во другите држави од Регионот?

Руската воената агресија врз Украина покрај дестабилизација на светскиот мир, донесе и неповрати економски осцилации и поскапување на цените на енергенсите пред се, а покрај тоа и на храната и останатите намирници.

Иако во земјава беше субвенционирана струјата за пекарско-мелничката индустрија, сепак цените на овие продукти, а најмногу на лебот не се намалија, туку и пораснаа. Лебот поскапе и во Регионот, најмногу во Црна Гора и Хрватска, додека пак во Србија цената е замрзната речиси една година.

Пекарите попуштија но ќе одат на суд

Владата најде начин да ги принуди пекарите да ги произведуваат двата типа на леб кои се со замрзната цена од 33 денари со одлука со која се наложува тие дневно да произведуваат и испорачуваат 80 отсто од количината на овие два типа на леб кои ги произведувале во декември минатата година, групацијата пак на мелничко-пекарската индустрија иако утрово ја бојкотираше одлуката, сепак од утре ќе прекине со штрајкот и ќе почне да произведува и да доставува бел и полубел леб по замрзната цена.

Од друга страна, битката против владината одлука, како што соопшти претседателот на Групацијата Горан Малишиќ, ќе ја водат на правна основа, а блокадата на пекарите веќе ќе може да се оквалификува како кршење на закон и инспекторатите е имаат можност да ги казнуваат.

„Пекарската индустрија е жртва на безумието и одлуките кои се носат се на штета на пекарската индустрија. Одлуките кои Владата ги донесе прават огромни штети и загуби на индустријата на месечно ниво кои се во износ од над 1,5 милиони евра. Поради наметнатите загуби пекарската индустрија е принудена да се прилагоди и истите да ги намали со одредени видови на леб, но и да намали во бројот на вработени за да опстане во иднина. На овој начин индустријата во наредните три месеци, ако остане одлуката само за три месеци, ќе бара начин да опстане. Владата како и пред носењето на одлуките така и по нивното носење повеќе е од очигледно дека нема чувство за новонастаната ситуација и при тоа е свесна дека со ваквите популистички мерки уништува стратешка индустрија. Доколку оваа одлука помине сега во делот на производството на леб, тогаш истото ќе се случи и со остатокот на прехранбената индустрија за што веќе сведочат и денешните изјави на премиерот дека се планира замрзнување на цените на производите и на останатите производи“, рече Малишиќ по денешниот состанок на членовите на Групацијата откако Владата донесе одлука со која ги обврза трговците и производителите на леб да обезбедат леб по замрзната цена.

На прашањето, колку чини производството на еден леб, Малишиќ немаше конкретен одговор.

„Секоја компанија си има свои пресметки во зависност од големината, од вработените. Никој не може да тврди колку чини еден леб. Тоа ако е така сите ќе отворат пекари и ќе мислат дека има профит. Тоа компаниите може да ви кажат, има вработени по 200, 300, 400… прават разни лебови, лебовите не чинат исто ако се бел или полубел, квалитетот е различен, пакувањата се различни, дистрибуцијата е различна, залихите се различни. Значи нема одговор на таквото прашање“, посочи тој.

На прашањето, како е можно на пекарите во Штип да им се исплати, а во Скопје да не им се исплати да продаваат леб за 33 денари, Малишиќ им порача на новинарите да ги прашаат нив.

Одлуката на Владата предвидува и трговците на мало кои продаваат леб да имаат обврска во структурата на дневната набавка на сите видови леб, да имаат најмалку 80 отсто од лебот со замрзнатата цена.

Казните за пекарите и трговците доколку ја игнорираат владината одлука и продолжат да не ги произведуваат двата типа на леб со замрзнати цени се движат од 800 до 10 илјади евра во зависност од големината на фирмата и од 50 до 500 евра за одговорното лице во фирмата. Казните се пропишани со Законот за трговија во членот 58 а се однесуваат на членовите 29 и 30.

Премиерот Ковачевски соопшти дека не се исклучува можноста Владата да донесе одлука за замрзнување на цените на други основни прехранбени производи.

Владата во вторникот донесе одлука со која ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб ја замрзна на 33 денари а пекарите како одговор на одлуката престанаа да ги произведуваат овие два типа на леб.

Од соседните земји лебот најмногу поскапе во Црна Гора

Во споредба со другите земји од Западен Балкан според статистиките заклучно со август, Албанија е земјата каде што лебот поскапел најмалку, додека во Црна Гора цената на овој главен производ е двојно зголемена, објави Радио Слободна Европа.

Имено, лебот во Албанија поскапе лза 20%, па и сега жителите на оваа земја го купуваат по цена од 0,51( 32 денари) евро. Лебот во Србија поскапе за четири отсто повеќе од Албанија, а граѓаните за него плаќаат 0,49 евра. ( 30 денари)

Во Босна и Херцеговина оваа храна чини 0,79 евра (48 денари), што е за 35% повеќе во споредба со претходниот период.

Според оваа статистика исто процентуално поскапување во август имало и во Северна Македонија, каде лебот чинел 0,81 евро (50 денари).

На територијата на Косово оваа основна храна во август поскапе за 39 отсто, а граѓаните можеа да ја добијат за половина евро, а денеска има ново поскапување со што лебот чини 0,40 центи (24.52 денари).

На крајот, убедливо најголемиот скок на цената на лебот се случи во Црна Гора. Купувањето леб ги чини граѓаните на Црна Гора 0,75 евра (46 денари), што е за 50 отсто повеќе од претходниот период.

Србија ја замрзна цената на лебот

Владата на Србија на седница во фервуари донесе нова Регулатива за задолжително производство и продажба на леб од брашно Т-500, според која лебот „Сава“ чини 57 динари (30 денари), а не 53,5 динари колку што чинеше при претходното замрзнување.

Максималната малопродажна цена на лебот од член 2 од оваа регулатива е 57 динари, а максималната производна цена е 48,88 динари“, се вели во донесената регулатива, пренесе Н1.

Оваа уредба ќе важи до 30 јуни 2023 година.

Каква е состојбата во Хрватска поради еврото

Хрватска лани беше меѓу петте земји од ЕУ каде лебот поскапе најмногу, а по воведувањето на еврото следеше нов бран поскапувања. Нивното дивеење поттикна многумина да размислуваат за подготовка на леб сами.

По последниот бран поскапувања, во кој цената на лебот, според пресметките на пазарната инспекција, се зголеми за петнаесет отсто, ќе платите меѓу 1,3 и 1,6 евра за векна обичен бел леб од 750 грама во пекара. или трговски центар.

Извор: Цивилмедиа

Треба да знаете
Последни објави