Search

Прва победа за тандемот Дончиќ-Ирвинг, нов трипл-дабл на Јокиќ

Далас маверикс предводен од Лука Дончиќ и Кајри Ирвинг го победија Сан Антонио со 26 поени разлика во еден од деветте меча кои утрово се играат во НБА-лигата. Дончиќ и Ирвин за првпат како тандем во Далас се радуваа на победа. Словенечниот репрезентативец заврши со дабл-дабл учинок, а на крајот имаше 28 поени и беше прв стрелец во победничкиот тим. Ирвинг беше веднаш зад Дончиќ и постигна 23 поени, а кога тој беше на теренот, Далас имаше плус 34 поени, па не мораше да одигра повеќе од 29 минути на оваа средба.

Никола Јокиќ одигра уште еден одличен меч за победа на Денвер на гости кај Кливленд од 109:105. Првиот фаворит за МВП-титулата заврши со 24 поени, 18 скока и 13 асистенции за нов трипл-дабл.

Во дербито на денот, Филаделфија со 110:105 го победи Мемфис. Џејмс Харден беше шутерски расположен и заврши со 31 поен, а имаше и по седум асистенции и скокови. Сепак, најдобар на теренот беше Џоел Ембид, кој заврши со 27 поени и фантастични 19 скока, а имаше и шест асистенции и шест блокади. Американските медиуми токму во Ембид гледаат ривал на Јокиќ во трката за МВП наградата за оваа сезона.

Лос Анџелес Лејкерс врза две победи откако со 124-111 беше подобар од шампионот Голден стејт. Леброн и Дејвис не беа поентерски доминантни на овој меч, кралот имаше 13 поени, Дејвис поен помалку, Бизли со 25 поени беше најефикасен кај Лејкерс, Томпсон постигна 22 за Вориорс.

Резултати: Кливленд – Денвер 109:115, Индијана – Бостон 138:142, Орландо – Детроит 108:106, Филаделфија – Мемфис 110:105, Торонто – Њу Орлеанс 115:110, Далас – Сан Антонио 142:116, Јута – Оклахома 120:119, ЛА лејкерс – Голден стејт 124:111, Сакраменто – Портланд 133:116.

Треба да знаете
Последни објави