Search

Меџити: Ние комуницираме со Али Ахмети, ама не се разбираме

Никој од „огнените“ не сака да биде дел од Владата. Имаме доволно политички позиции и остануваме на ова. Кој ќе биде сменет, а кој не, ние сакаме дебатата на биде внатре во Централното собрание.  Да има реална дебата „за“ и „контра“ и на крајот врз основа на анализа, на заклучоци и на гласање, тие што заслужуваат нека останат, тие што не заслужуваат треба да си одат. Значи не претендираме дека 100 отсто нашето е вистина, рече Изет Меџити, потпретседателот на ДУИ и предводник на „огнените” во вечерашното гостување на ТВ 24.

Тој рече дека „огнените“ не сакаат да ја состават Владата, туку само оти кажуваат дека овие што се сега немаат сработено, неуспешни се и арогантни и треба да се заменат.

„Последните митинзи се доволен знак дека ДУИ не е на добар пат“, рече Меџити.

Според него доколку „огнените“ бидат исклучени од ДУИ не е отфрлена можноста тие да формираат нова партија.

„Кога ќе не исклучат од партија тогаш ќе одлучиме дали ќе си одиме дома или ќе се бориме до крај, политички“, нагласи Меџити.

На прашањето дали е можно да се случат протести пред Мала Речица, Меџити рече дека тоа не е исклучено оти тоа е демократски елемент.

„Ние комуницираме со Али Ахмети, ама не се разбираме. Тоа е проблем“, рече Меџити.

Според него заложба на „огнената“ група е да го врати ДУИ на правиот пат.

„Нашата заложба е да го вратиме ДУИ на правиот пат. Претседателот да се врати, да не фати страна, и да биде претседател како што беше изминатите години и да не не остави нас да се тепаме. Кога има волја, има 100 начини за компромис. Влезот на Алијанса за Албанците во Владата за една година е само за инает и да се заќути „огнената“ група. Тоа само повеќе ќе и наштети на ДУИ отколку на нас“, рече Меџити.

Според него нема место за компромис со останување на Артан Груби во Владата.

„Порано може и ќе можеше, но сега веќе не. Ако некој нас не праша тој треба да се исклучи целосно и од ДУИ. Ваква штета во ДУИ никој нема направено 20 години“, рече Меџити.

Треба да знаете
Последни објави