Search

Потребно е да им се даде гласност на умерените ставови за подобрување на односите меѓу Скопје и Софија

Односите меѓу Северна Македонија и Бугарија во моментов се на дното, а за тоа придонесоа иницијативите за отварање на т.н. културни клубови во двете земји. Кампањата на провокации ја започна Бугарија, односно бугарскиот претседател, но вината е и од двете страни на границата. Потребно е да покажеме зрелост и капацитет нештата да не бидат такви, смета Димитар Атанасов од Институт за етнологија и фолклорни студии со Етнографски музеј при Бугарската академија на науките.

За жал сметам дека односите во последно време многу се влошија, особено со иницијативите за отворањето на т.н. културни клубови во двете земји, бидејќи се покажа дека тие се искористија како средство за провокација. За жал, ќе кажам дека Бугарија започна, односно од бугарска страна започна кампањата на провокации, Македонија одговори, што исто така не е во ред, но односите во моментов можеби се на дното. Оттука натаму од нас зависи да започнеме да ги подобруваме, вели Атанасов кој учествуваше на завршната конференција: „Демистифицирање на (не) соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија“, во организација на Евротинк – Центар за европски стратегии – Скопје

Според него, сепак, и од двете страни на границата има политички субјекти, партии и институции, на коишто во нивен интерес е односите да бидат се полоши.

-Знаеме дека и од двете страни на границата има партии со кратенката ВМРО, од едната страна, од македонската страна тоа е партија која е постојан претендент за власт и тоа е едно од нивните основни  пораки – етнонационализмот. Во бугарскиот случај, не зависиме од тоа бидејќи партијата ВМРО веќе е маргинална, и не е сигурно дали ќе влезе во Парламентот, всушност мрежите на некогашните тајни служби, од кои дел се и бугарски институции во моментов, не престануваат да ги влошуваат односите при што на чело на кампањата во последно време, одново застана на моја огромна жал, бугарскиот претседател. Вината е и од двете страни на границата, но имаме многу да направиме за да не е така, и се надеваме да покажеме зрелост и капацитет нештата да не бидат такви, вели Атанасов.

Прашан чија вина е поголема за влошувањето на односите меѓу двете земји во контекст на клубовите Ванчо Михајлов во Битола  кој беше отворен во присуство на тогашниот бугарски премиер и неговите најблиски колеги и клубот Никола Вапцаров во Благоевград којшто не е признаен во Бугарија, Атанасов со став да не треба да се мери чија вина е поголема туку да почнат отворено да го разговараат за прашањата.

-Тешко ми е да кажам чија вина е поголема, затоа што можеби прашањето е да не ја мериме вината, туку најпосле да почнеме да признаваме грешки, затоа што јас можам да кажам дека бугарската вина е поголема и тоа не е проблем. Прашањето е од другата страна како тоа би било искористено, затоа што го има и тој момент. Во ситуација ако се каже дека едната страна е повиновна – ќе кажеме аха и ние тоа го тврдиме дека вие сте повиновни. Не, и ние и вие. Имено, заради тоа, треба отворено да зборуваме за овие прашања. Во однос на клубот Ванчо Михајлов, таму беа и поранешни бугарски политичари, таму беше и лидерот на бугарското ВМРО, во каква улога е многу големо прашање. Беше и потпретседателката на Бугарија, чија институција очигледно го заштитуваше тој интерес што го споделив, односно за поттикнување на конфликтот со цел тој постојано да се интензивира заради изборни или интереси на одредени бизнис кругови, вели бугарскиот аналитичар.

Тој е на став дека Бугарија треба да дозволи преговори на земјава со ЕУ без условување со внесување на Бугарите во Уставот.

-Тука моето мислење е обратно од она на бугарската страна. Јас сметам дека впишувањето на Бугарите во Уставот на РСМ е апсолутно бесмислена работа, т.е и со и без него Бугарија треба да дозволи преговори на Северна Македонија за во ЕУ. Ако погледнеме историски, и Бг и Мк страна аргументираат за историски тези. Ако погледнеме на историските личности, Гоце, Даме, тие сакале на Осоговските планини да нема граници, тие сакале Деве Баир и Ѓуешево да бидат само две села и ништо повеќе и меѓу нив да се минува слободно. Бидејќи ние сме различни, но доволно блиски. Она што го можат Италијанците, Шпанците и Французите, зошто да не го можеме и ние, Бугарите и Македонците, подвлекува Атанасов.

Тој оценува дека во однос на стабилизирање на односите меѓу двете земји не треба да се користат изборите во Бугарија како алиби.

-Изборите се само едно оправдување, во Бугарија не изгледа да создадеме стабилна политичка слика во блиските месеци. Ако на 2 април на изборите се добие стабилна влада тоа ќе биде изненадување и за нас Бугарите. Тоа не значи дека државата треба да блокира, и дека сите меѓународни врски треба да стојат на пауза, затоа што некој не е во состојба да направи влада. Ние треба да продолжиме да работиме, и тоа нема алтернатива. Неколку пати и македонската страна се оправдуваше со избори, бугарската исто така го искористи тој аргумент, но тој е бесмислен. Треба да работиме, смета Атанасов.

За тоа колку може ЕУ да помогне за релаксирање на реалациите Скопје – Софија, дециден е дека Унијата помогна колку што можеше, но дека на двете земји е да ја завршат работата.

-Јасно е дека нашите европски партнери можат да помогнат, но нема да ни ја завршат работата. Ние не сме деца, треба да покажеме дека во двете општества има зрелост, да се разбереме, да се зближиме, бидејќи ние на Балканот сме најблиски, вели бугарскиот историчар.

Во однос на ликот и делото на Гоце Делчев кој е камен на сопнување меѓу двете земји, Атанасов вели дека Делчев самиот кажал што е.

-Од историска гледна точка Гоце Делчев работел за слободата на Македонија и тој на неколку места во своето архивско наследство споменува дека сака на таа територија да се уреди македонска држава. Од таа гледна точка тој е политички Македонец, неговите погледи се во основата на современата македонска држава. На неколку места, исто така, тој споменува и дека е етнички Бугарин. И меѓу двете нема противречности, тоа не го прави ниту помалку политички од една страна, ниту помлаку етнички од друга страна. Би можеле да го гледаме  идентитетот на еден модерен начин, преку современ пристап кој дава можност според академските стандарди и според изворите со кои што располагаме. Да не се караме. Гоце Делчев многу добро кажал кој е и која е неговата кауза, за што се борел, вели Атанасов. 

Димитар Николовски – Извршен директор на Евротинк, уверен е дека ќе дојде до помирување меѓу двете земји преку работа на намалување на тензиите, особено помеѓу двете општества надвор од односите помеѓу владините претставници и на помирливите гласови да им се дава многу повеќе простор и време во медиумите, ообено, како што вели, кај другата страна.

Треба, вели, да бидеме многу помалку обременети од тоа што зборува Џамбаски, од страната на Бугарија, и да не ја гледаме Бугарија само низ призмата на тоа што тој го зборува, туку да им се даде простор на луѓе како Димитар Атанасов и Стефан Дечев, а ги има уште многу такви кај нив.

На конференцијата се обратија и советникот во Aмбасада на Канада во Србија, Северна Македонија и Црна Гора Дејвид Морган и чешкиот амбасадор во земјава Јарослав Лудва кој истакна дека и двете страни можат да имаат различни гледишта за минатото, но оти е многу важно да се има на ум дека за истото треба да се дискутира и да се најде компромис.

-Ова отсекогаш бил сензитивен проблем. Вие имате една историја но две страни кои различно гледаат на истата од два различни агли. Нема ниту една да е единствена или перфектна страна, но мора да се најде начин да се дискутира и да се дојде до некој компромис, рече Лудва.

Говорниците на конференцијата главно се осврнаа на улогата на ЕУ во односите на Северна Македонија и Бугарија. 

Треба да знаете
Последни објави